Во Радовиш ќе се гради атмосферска канализација за да не се поплавуваат имоти и домови
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски денеска изврши увид во изградба на атмосферска канализација на дел од улиците „Илија Алексов“, „крак на улица 8“, „улица 8“ и „улица 9“ во Радовиш.Инвестицијата е во вредност од 21 милион денари, средства обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски.
–Веднаш штом го добивме проектот во рамки на Mинистерството решивме од сопствени средства да го финансираме. Би сакал да нагласам дека ова е надвор од редовните средства што општините ги добиваат преку Владата кои што се по глава на жител, а кои лани беа 100 милиони евра, оваа година се околу 250 милиони евра. Ова е дополнителна активност и е во рамки на изборната кампања каде јас сум носител во четвртата изборна едница. Тоа го ветив и сакав да се реализира – изјави Николоски.
Градоначалникот Ацо Ристов истакна благодарност до Вицепремиерот и министер Николоски за поддршката кои ја даваат на општина Радовиш, кој за неполни три месеци од поднесување на проектот веќе сме на лице место на почетокот на изведбата и решавање на овој децениски проблем кој претставуваше голем проблем каде што за време на поројни врнежи од дожд се поплавуваа имотите и домовите на граѓаните.
Николоски, исто така, најави дека во месец март ќе се распише и тендер за изградба на обиколница за населеното место Подареш во должина од 1,2 километри, со средства од буџетот на Министерството за транспорт.
Фото: Општина Радовиш