Во Струмица почна кампањата за 16 денови активизам против насилство врз жените и девојчињата

 Во Струмица почна кампањата за 16 денови активизам против насилство врз жените и девојчињата

-Пред неколку моменти нашата општина се осветли во портокалова боја. Тоа не е само симболика; тоа е опомена, повик и ветување. Портокаловата светлина го означува нашиот колективен став: дека Струмица е град кој не го свртува погледот од проблемот, туку стои цврсто на страната на жртвите и во одбрана на нивните права, истакна градоначалникот на Струмица, Петар Јанков во изјават по повод почетокот на кампањата за 16 денови активизам против насилство врз жените и девојчињата.

Додаде дека живееме во време кога насилството не познава само физички простор.

-Денес, дигиталните мрежи — местата каде што нашите деца учат, се дружат, се изразуваат — стануваат сцена на вознемирување, омаловажување, искористување и контрола. Дигиталното насилство е подеднакво реално и подеднакво болно. И затоа сме тука: да покажеме дека нема да го дозволиме. Општина Струмица со гордост ги продолжува активностите во партнерство со здружението „Скај Плус“, наши одамна докажани сојузници. Нивниот труд, нивната хуманост и нивната борба многу пати биле светлина во најтемните моменти на многу жени. Им упатувам искрена благодарност за нивната макотрпна работа и за партнерството кое ни овозможува заедно да помогнеме на повеќе луѓе, рече градоначалникот Јанков.

Тој упати и порака:

-До жените и девојчињата кои се соочуваат со насилство — не сте сами. До граѓаните — не молчете кога гледате неправда. До институциите — да бидеме уште побрзи, уште похрабри и уште почувствителни во заштитата на секој човек. Струмица отсекогаш била град на солидарност и напредок. Нека портокаловата светлина што светка од нашата општина биде потсетник дека тука секоја жена и секое девојче има право на живот без насилство и дека тоа право ќе го браниме секој ден — не само во овие 16 дена, туку 365 дена во годината, потенцираше струмичкиот градоначалник.

Стојне Митева од Здружението „Скај плус“ подвлече дека дигиталниот простор треба да биде безбеден, еднаков и слободен за сите.

-За жал, се поголем број на жени и девојчиња во Македонија се соочуваат со различни форми на дигитално насилство.Овие напади не се само на интернет. Тие оставаат длабоки траги, предизвикуваат страв, анксиозност, изолација и нарушено чувство на безбедност дури и во реалниот живот, рече Митева.

На настанот присуствуваа активистки на Здружението „Скај плус“, членови на Советот на Општина Струмица и граѓани.

Фото: Југоинфо

Share via
Copy link