fbpx

ЗНМ: Скандалозно решение на Апелациониот суд во Скопје против новинари

 ЗНМ: Скандалозно решение на Апелациониот суд во Скопје против новинари

Советот на Апелациониот суд во Скопје составен од судиите Татјана Дуковска како Претседател на советот, Тања Милева и Јусуф Ајрулахи донесоа скандалозно и срамно решение против новинарите Мери Јордановска и Предраг Петровиќ.

Апелациониот суд во Скопје со решението од 08-ми ноември ја укинува пресудата на Основниот кривичен суд во Скопје и го враќа предметот на повторно судење. Станува збор за приватната кривична тужба на пратеникот и претседател на политичката партија ,,Левица”, Димитар Апасиев против колешката Јордановска и колегата Петровиќ и правното лице ОНЛАЈН МЕДИЈА ДОО од Скопје за кривичното дело „Неовластено објавување на лични записи“.

Повод за тужбата на Апасиев кон новинари беше објавениот текст насловен како „„Сороспии“ и „курирци“ – Апасиев агресивен кон новинарите на „А1он“ откако беше запрашан дали ќе ги задржи буџетските пари“, објавен на 07-ми декември 2020 година на онлајн медиумот „А1он“. Потсетуваме дека во постапката за овој случај која траеше речиси една година, тужителот не се појави лично ниту еднаш на судска расправа, а новинарите повеќе пати присуствуваа на расправи во судот каде ја застапуваа својата одбрана. Основниот кривичен суд Скопје пресуди во полза на новинарите во февруари оваа година, а со решението Скопска Aпелација го враќа на повторно судење и новинарите веќе имаат покана за рочиште овој месец.

Ваквите одлуки на судиите од Апелациониот суд во Скопје и ваквата судска пракса, кога станува збор за приватни тужби на лидери на партии и пратеници кон новинари, негативно се одразува на слободата на изразување и поттикнува самоцензура.

Повторно укажуваме дека ваков вид на тужби служат да се предизвика заплашување и разни трошоци или едноставно исцрпување на тужените новинари. Целта не е да се добие правда туку да се малтертираат тужените со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Ваквите тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP). Овие тужби, посебно кога се иницирани од политичари и носители на јавни функции, можат да предизвикаат цензура кај новинарите, а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните.

ЗНМ за ова решение на Скопска апелација ќе ја извести Европската федерација на новинари (ЕФН) каде што ЗНМ е членка и ќе укаже дека станува збор за притисок преку судот на слободното новинарство.

Share via
Copy link