Кај жител на Добрејци полицијата пронајде марихуана и семки од растение
ФЕИТ ги промовираше новите инженери и магистри – 53 отсто се девојки
Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја промовираше новата генерација дипломирани инженери по електротехника и информациски технологии и новите магистри. Свечено во големата сала на Филхармонијата дипломите им беа врачени на 146 нови инженери и 44 магистри кои студиите ги завршија на ФЕИТ. Во оваа нова генерација дипломци, дури 77 или 53% се девојки, просек што е за околу 4 пати повисок од европскиот просек техничките факултети.
Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии проф. д-р Димитар Ташковски ги повика новодипломираните инженери и магистри да бидат храбри да го употребат знаењето, технологиите и вештините кои ги стекнаа на ФЕИТ.
„Само преку заеднички напори и стратегии, нашата држава може да направи значителен напредок во областа на истражувањето, развојот и иновациите со што нашата економија може да стане конкурентна на меѓународниот пазар. Вие сте тие кои ќе овозможат да дојдеме до тие промени. Знаењето, технологиите и вештините кои ги стекнавте на ФЕИТ се ваша голема компаративна предност. Научени сте да прашувате, да истражувате и критички да размислувате што е многу битно во ерата на вештачката интелигенција и 4-тата индустриска револуција. Способноста за иновации и изразување на креативноста станува сẻ повредна во денешниот свет, и тоа дипломирани студенти и магистри на ФЕИТ е Вашата шанса за успех, Затоа немам дилема дека иднината ви припаѓа Вам“, порача во своето обраќање деканот на ФЕИТ проф. д-р Димитар Ташковски.
Задржувајќи се на потребата во државава да се задржат талентите кои се основниот ресурс на најсилните држави, а кои силата ја црпат од високотехнолошкиот сектор, деканот на ФЕИТ проф. д-р Ташковски потсети дека „потребна е координирана акција и соработка помеѓу владините институции, академската заедница, приватниот сектор и младите таленти“ за да се зголеми бројот на инженери кои во нашата држава ќе имаат можност да го искористат своето знаење и креативен потенцијал преку истражувања и иновации.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски ги охрабри новите инженери и магистри да го продолжат својот развоен пат на магистерски и докторски студии на првиот македонски државен универзитет, кој годинава одбележува 74 години од своето основање.
„Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е формиран со Закон за Универзитетот на Собранието на Народна Република Македонија во 1949 година со три факултети. Денес, тој претставува интегрирана заедница од 23 факултети, 5 научни институти, 4 јавни научни установи – придружни членки, 1 придружна членка – друга високообразовна установа и 7 придружни членки – други организации. Нашиот универзитет е единствен универзитет во Република Македонија на кој се застапени сите традиционални и современи универзитетски области и научни подрачја. ФЕИТ од основањето до денес претставува лидер во областа на електротехниката и информациските технологии во РС Македонија со што перманентно и успешно ја исполнува својата мисија за континуирано образование на стручни професионалци, односно претприемливи индивидуи во електротехниката и новите технологии, кои ќе работат успешно и ќе промовираат нова работа и нови можности, како што гласи мотото на ФЕИТ, и кои ќе придонесуваат во развојот на општеството и подобрување на квалитетот на живот“, порача Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски.
Промовирањето на новите инженери и магистри, министерот за образование и наука Јетон Шаќири го искористи да ги покани и матурантите да го следат примерот на дипломците на ФЕИТ.
„Со самиот Ваш избор да го продолжите образованието на ФЕИТ, сте ја направиле најголемата инвестиција во вашите животи. Вие сте сега личности кои се стекнале со вештини и компетенции, подготвени стручно и професионално да се справуваат со предизвиците на новото време. Кадар сте, кој е баран и дефицитарен на пазарот на трудот. Сигурен сум дека ќе имате можности за добра заработка и за професионален и кариерен развој. Верувам дека голем број матуранти ќе го следат Вашиот пример и ова е добра можност во пресрет на уписите во високото образование, да упатам порака до нив, доколку имаат афинитети кон електротехниката и информатичката област, да одберат се образуваат на оваа високообразовна установа, за која сум убеден дека и во иднина континуирано ќе ги подигнува стандардите за квалитет на настава и за спроведување на научно – истражувачка дејност“, рече министерот за образование и наука проф. д-р Јетон Шаќири.
Просечното времетраење на студирањето на новите инженери изнесува 5 години, 2 месеци и 21 ден, а најкусиот временски период во кој се завршени додипломските студии од оваа генерација е 3 години и 9 месеци. Просечната оцена на студирање што ја постигнале студентите што ги промовираме вечерва е 7,93.
На свеченоста беа доделени плакати и награди на најдобрите дипломци. Со просечна оценка над 9 завршија 16 инженери, а кои студиите ги започнале во 2018/19 година.