fbpx

Одбележани 80 години од загинувањето на Благој Јанков-Мучето

 Одбележани 80 години од загинувањето на Благој Јанков-Мучето

Денес пред Споменикот на револуцијата во струмичкиот градски парк, во организација на Општина Струмица, се одржа чествување за Народниот херој Благој Јанков – Мучето, по повод 80-годишнината од неговото загинување.

Говор за животот и делото на Благој Јанков – Мучето одржа членката на Советот на општина Струмица Македонка Глигорова, која, меѓу другото, истакна:

,,Во оваа прилика, кога ја одбележуваме 80-годишнината од денот на загинувањето на струмичкиот Народен херој, не смее да се заборави дека, да не се случеше тој 14 . јули 1944 година, Благој Јанков Мучето многу наскоро ќе се израдуваше на два значајни настана од нашата историја. Само 19 денови го делеа од Првото заседание на АСНОМ во манастирот Свети Прохор Пчињски, на кој требаше да биде еден од делегатите. Исто така, неполни два месеца го делеа Мучето, за да го доживее ослободувањето на родната Струмица. За жал, за Мучето и едното и другото останаа само недосонувани соништа. И до ден денес, но и за вечни времиња, останува да се каже дека Народниот херој Благој Јанков Мучето, беше, е, и ќе биде наша струмичка гордост“.

По одржаниот говор за Мучето, претатавници на Општина Струмица, политички партии и институции положија свежо цвеќе пред Споменикот на револуцијата, а стихови за Благој Јанков кажуваа членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади кој го носи името на Народниот херој.

Свежо цвеќе беше положено и пред спомен бистата во малиот градски парк.

Share via
Copy link