Со ребаланс е зголемен буџетот на Општина Струмица за близу 13 милиони денари

Членовите на Советот на општина Струмица денеска ја одржаа деветтата седница на која расправаа и донесоа одлуки и решенија од повеќе области од делокругот на општината, општинските претпријатија и институции.
Со мнозинство гласови беше усвоена предлог – одлуката за измена и дополнување на буџетот на општина Струмица за 2026 година, како и предлог – програмите за измена на програмите на општината за 2026 година.
Буџетот на општина Струмица за 2026 година изнесуваше 1.703.629.296 денари, а сега со ребалансот е зголемен за 12.955.508 денари и изнесува 1.716.584.804 денари.
Според градоначалникот Петар Јанков, зголемувањето на средствата во Буџетот се резултат на поврат на ДДВ од централната власт од околу 21.900.000 денари, од издвоените средства од Министерството за култура во износ од 1.005.000 денари во делот на организирање на струмичкиот карневал, а дел се од донации и дотации во образованието.
Од зголемувањето на средствата во Буџетот за 2026 година најголем бенефит ќе имаат граѓаните преку реализација на нови проекти.
-Имаме издвоено три милиони денари за набавка на возило за управување со смет, за кое преку Југоисточен плански регион се обезбедени 6 милиони денари и ние како општина кофинансираме 3 милиони денари, а за потребите на ЈПКД „Комуналец“ е предвидено нешто повеќе од 3.700.000 денари за набавка на полуподземни контејнери. Интересно за граѓаните, особено за тие што живеат во населбата Карпош е дека преку ЈП „Паркиралишта – Струмица“ ќе бидат издвоени средства за поставување на ново улично осветлување на повеќе од 1.000 метри должни со што граѓаните ќе имаат подобри услови за живеење во тој дел на градот. Од зголемените средства во образованието ќе имаме затоплување на спортската сала во ООУ „Никола Вапцаров“. Во делот на водоснабдувањето и одводнувањето во општина Струмица, со поддршка на Владата на Република Македонија, а преку Министерството за транспорт и врски, е распишан јавен повик за изведба на атмосферска канализација во Просениково, познато е дека ова село е најмногу засегнато од атмосферските води и затоа проектот е прифатен од Министерството за транспорт и врски од каде што чекаме позитивен одговор за изведба на атмосферска канализација во уште едно населено место. Предвидени се зголемувања и во други програми се со цел да имаме доволно средства преку јавни повици да испорачаме соодветну услуги кон граѓаните на општина Струмица, изјави градоначалникот Јанков.
На денешната седница беа усвоени повеќе предлог – одлуки, решенија, планови и годишни сметки од областа на урбанизмот, општинските јавни претпријатија, основните и средните училишта, а беа усвоени и предлог – одлуките за доделување на парична помош на шест граѓани на општина Струмица.