В сабота во Струмица Света Литија со иконата на Богородица Брзопослушничка

 В сабота во Струмица  Света Литија со иконата на Богородица Брзопослушничка

В сабота, 18 април 2026 година, по деветти пат ќе биде изнесена светата икона со ликот на Пресветата Богородица Брзопослушничка на улиците низ Струмица.

Празнувањето ќе почне во петок со свечена вечерна богослужба. Во сабота, по Светата Божествена Литургија која ќе почне во 8.30 часот во манастирот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, свештената литија во 10 часот ќе се упати кон храмот на Свети Кирил и Методиј, а оттаму до плоштадот Гоце Делчев во Струмица. Таму ќе биде отслужен Молебен, по што иконата заедно со свештената поворка ќе дојде до храмот на Свети Димитриј и Свети Григориј Палама, каде што наредните десетина дена верниците ќе можат да ѝ оддадат почит.

Скоро цела деценија, иконата на Богородица Брзопослушничка претставува место на утеха за илјадници верници од Македонија и поширокиот регион, кои преку целата година, поединечно или организирано, доаѓаат да се поклонат пред неа.

Пред девет години, во втората недела од Великиот пост, посветена на Свети Григориј Палама, заштитникот на Струмичката епархија, иконата беше донесена во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици” во Струмица, како подарок од братството на светогорскиот манастир Дохијар.

Струмичката православна епархија ги поканува сите верни да дојдат во градот на славните Тивериополски свештеномаченици и заедно да го споделат ова духовно ликување, заради благодатното присуство на Богомајката, Која преку Својата чудотворна икона „Брзопослушничка” ја посети Струмица и изобилно го излеа Својот благослов врз нашата земја.

✨ СВЕШТЕНА ЛИТИЈА СО ИКОНАТА НА БОГОРОДИЦА БРЗОПОСЛУШНИЧКА 🙏
САБОТА 18.04.2026
🕯️ 8:30 часот, Светата Божествена Литургија во манасстирот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици🏛️
📿10:00 часот почеток на Свештената Литија
⛪ кон храмот на Свети Кирил и Методиј
📍 до плоштадот Гоце Делчев во Струмица 🌳
🙌 Молебен пред иконата на Богородица Брзопослушница,
🕊️ свештената поворка ќе дојде до храмот на Свети Димитриј и Свети Григориј Палама

Фото: архива

Share via
Copy link