Мигранти од Авганистан физички нападнале жител на Негорци и му го украле мобилниот телефон
Светот влегува во ера на недостиг од бакар – Македонија сè уште не ги активира сопствените ресурси

Глобалниот пазар на бакар се движи кон долгорочен структурен дефицит, предупредуваат водечки инвеститори и финансиски институции, оценувајќи дека понудата нема да може да ја следи растечката побарувачка од енергетиката, автомобилската индустрија, дигиталната инфраструктура и вештачката интелигенција.
Рударскиот инвеститор Френк Џустра проценува дека дури и доколку во следните дваесет години секоја година се пуштаат во работа по шест големи рудници за бакар, тоа најверојатно нема да биде доволно за да се задоволат глобалните потреби. Дополнителен ризик претставува и фактот што дел од најголемите светски бакарни наоѓалишта сè уште не се развиени, што може да создаде дополнителен притисок врз глобалниот синџир на снабдување.
Во вакви околности, сè поголемо значење добиваат земјите кои располагаат со сопствени минерални ресурси. Според Стратегијата за минерални суровини 2026–2046, изработена со учество на МАНУ, Македонија поседува значајни потенцијали за производство на бакар. Најголем од нив е проектот „Иловица–Штука“, кој сè уште не е ставен во функција.
Според податоците објавени од инвеститорот „Еуромакс Ресоурцес“, компанија листирана на Берзата во Торонто, геолошките истражувања потврдуваат 237 милиони тони минерални ресурси, 225 милиони тони рудни резерви и околу 410.000 тони бакар, со проектирана искористеност од 84 проценти. Проектот предвидува годишна обработка од 10 милиони тони руда, просечно производство од над 10.000 тони бакар годишно и оперативен век од околу 23 години.
Покрај Иловица, бакарни потенцијали беа идентификувани и во Казандол и Кожуф, но тие инвестиции не се реализираа.
Во меѓувреме, прогнозите на глобалните финансиски институции стануваат сè поалармантни. Според Џустра, повикувајќи се на анализи на JPMorgan, светот би можел да се соочи со недостиг од два милиони тони бакар до 2030 година, а дефицитот би можел да достигне осум милиони тони до 2035 година. Дополнителен фактор е експанзијата на центрите за податоци, за кои се проценува дека до крајот на деценијата ќе трошат околу 500.000 тони бакар.
„Бакарот е столбот на речиси секоја електрификациска индустрија во светот.“
Според Џустра, конкуренцијата за критичните минерали одамна ја надминала класичната трговска логика и прераснала во прашање на геоекономска и геополитичка конкурентност.
„Светскиот поредок каков што го знаевме е мртов.“
Тој потсетува дека Кина систематски инвестира во странски рудни ресурси повеќе од две децении, додека Европа и САД дури во последните години започнаа поагресивно да развиваат стратегии за обезбедување критични минерали. Дополнителен предизвик е фактот што за развој на нов голем рудник најчесто се потребни 10 до 20 години, што дополнително го ограничува растот на понудата.
Слични оценки има и финансиската групација Macquarie, која во последната анализа наведува дека пазарот на бакар се наоѓа помеѓу оптимизмот за нови инвестиции и реалното ограничување на производствените капацитети. Според нивните анализи, цената на бакарот годинава достигна повеќе од 14.000 американски долари за тон, а неизвесноста околу трговските политики и потенцијалните ограничувања на извозот продолжува да врши притисок врз глобалниот пазар.
Во такви услови, прашањето за активирањето на домашните минерални ресурси добива и поширока економска димензија. Додека големите економии настојуваат да обезбедат сигурни извори на критични суровини, Македонија сè уште не го користи целосно потенцијалот на своите најзначајни бакарни наоѓалишта.
(преземено од ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС, линк до објавата:https://ekonomijaibiznis.mk/svetot-vleguva-vo-era-na-nedostig-od-bakar-makedonija-se-ushte-ne-gi-aktivira-sopstvenite-resursi/)