В петок премиера во Струмичкиот театар-„Четири слики на љубовта“
В петок премиера во Струмичкиот театар-„Четири слики на љубовта“

Премиерата на новата претстава на Театар „Антон Панов“ – Струмица, „Четири слики на љубовта“ од Лукас Берфус, во режија на Александра Кардалевска, ќе се одржи во петок, 30 октомври 2026 година, со почеток во 20.00 часот, соопштија од оваа културна установа.
Љубовта, желбите и противречностите на човечките односи во „Четири слики на љубовта“Колку лица има љубовта? Каде завршува блискоста, а почнува осаменоста? И колку навистина ги познаваме оние што ги сакаме?Овие прашања се во средиштето на драмскиот свет на „Четири слики на љубовта“, во која швајцарскиот автор Лукас Берфус ги истражува сложеноста на љубовта, човечките желби и противречностите во односите меѓу луѓето. Во режија на Александра Кардалевска, претставата ги отвора границите меѓу она што го посакуваме, она што го чувствуваме и она што сме подготвени да го направиме за љубовта.
Во актерската екипа настапуваат Јулија Милкова во улогата на Евелин, Кољо Черкезов како Даниел, Оливера Аризанова-Мансбарт како Сузан, Коста Ангoв како Себастијан, додека Михаил Велков ги толкува ликовите на Момчето, Моделот, Службеникот и Мисионерот.
Преводот од германски јазик е на Марика Димитровска. Визуелниот концепт, дизајнот и видеото се на Онур Озџан, кој заедно со Ване Костуранов го потпишува и дизајнот на плакатот и рекламниот материјал. Фотографиите се на Столе Ангелов.
Претставата е дел од Годишната програма на Министерството за култура и туризам, со финансиска поддршка од Амбасадата на Швајцарија во Скопје. На премиерата ќе присуствува и амбасадорот на Швајцарија, со што настанот добива и посебна димензија во контекст на културната соработка меѓу двете земји.