„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Пандeмијата ја зголеми онлајн потрошувачката, потрошувачите да внимаваат од каде и кого нарачуваат
Според маркетинг агенции, кои се занимаваат со онлајн продажба, таквиот начин на купување е во се поголем подем во нашата држава, а растот е забрзан заради коронавирусот, кој принуди многу бизниси да се префрлат на онлајн продажба. Како потврда на таквото тврдење го наведуваат податокот дека оваа година досега се регистрирани околу 100 нови е-трговци, а лани вкупно биле регистрирани 149.
-Споредбено онлајн потрошувачката од 2017 до 2020 година има значителен раст кај сите возрасни групи, што значи дека онлајн понудата се подобрува и граѓаните имаат се поголема доверба. Според нашите анализи, како најголеми онлајн потрошувачи се граѓаните на возраст помеѓу 25 и 34 години, кои се застапени со околу 32 проценти од вкупниот број на потрошувачи, објаснува Глигор Ризов од Маркетинг агенцијата „Roccad“ од Струмица.
Тој предупредува дека е потребно потрошувачите да внимаваат и да не купуваат од непроверени фејсбук и веб страници и по можност да проверуваат дали има потрошувачи кои претходно се задоволни од производите и услугите.
-Заради се поголемиот број на онлајн продавници, некои функционираат и само како фејсбук страница. Има повеќе случаи каде граѓаните се изманипулирани, односно нарачуваат еден производ, а добиваат друг производ или пак оштетен производ. Тоа е особено опасно бидејќи овие фејсбук страници не се компании, туку нелегални продавачи без регистрирана компанија, додава Ризов.
Според податоците од АД „Пошта на Северна Македонија“-Подружница ЦРПС-Струмица, секојдневно се зголемува бројот на меѓународните пратки, од кои најголем дел се тие од големите светски онлјан продавачи.
-Во јануари февруари и март оваа година имаме зголемување на тие пратки, но со појавата на пандемијата на корона вирусот опадна бројот на пратките. Со попуштањето на мерките бележиме благо покачување. Во првиот месец од оваа година имаме 10 илјади поштенски меѓународни пратки пристигнати во Струмица, во февруари околу 9.500, а во март бележиме пад и имаме околу 4.600 пратки. Во април се околу 1.200, но од мај се зголемува бројот на пратките на околу 3.500, информира директорот на АД „Пошта на Северна Македонија“-Подружница ЦРПС-Струмица, Синиша Илијоски.
Додава дека Поштата има преземено мерка за сигурност на пратката, односно обичните пратки со мала вредност, кои корисниците ги порачуваат онлајн, пристигнуваат тука како обични пратки, но тука се трансформираат во препорачани пратки со цел да има увид на пристигнати и доставени поштенски пратки и притоа акцентот се ставал на квалитетот на доставата.
На нашето прашање дали има жалби од граѓаните на испораката или на содржината на пратката што ја добиваат, Илијоски вели дека бројот на жалбите е многу мал.
-На почетокот на пандемијата од коронавирусот имаше граѓани кои не сакаа да ги подигнат пратките. Но, тоа не беше некој загрижувачки број на корисници. Но, ние презедовме силни мерки на заштита и поштароразнесувачите имаа јасни упатства како да постапуваат при достава на пратките. Најголем број на жалби се однесуваа на недоволна информираност на самите примачи. Откако ќе влезат во некоја апликација за онлајн порачка, добиваат известување дека пратката им е испратна кон Македонија, но тоа не значи дека влезена кај нас, бидејќи се обични пратки, кои, за жал, ние се уште не можеме да ги следиме и затоа ги трансформираме во препорачани. Жалбите се однесуваат на доцнењето поради тоа што стојат во одредени поштенски центри. Степенот на сигурност на достава на поштенските пратки е голем, а жалбите се помалку и помалку, рече Илијоски.
Од онлајн анкетата што ја направивме со десетина граѓани, најголем дел од нив често користат купување преку интернет и досега немале проблеми со квалитетот на нарачаниот производ. Најголем дел од жалбите се однесуваат на доцнењето на пратките, но велат дека сепак ги добиваат, а има ретки случаи кога пратката нема да биде испорачана им се враќала уплатата.
Според податоци од Билтенот број 4 на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ). 80% од испитаниците навеле дека трошат до 10 проценти од својот буџет за онлајн набавки, а само 2 проценти од испитаниците трошат над 50 проценти од својот буџет преку купување на интернет.
Интересни се податоците објавени во Билтенот за одредени тестирани производи кои биле купувани од онлајн продавници. Така, одредени УСБ полначи, патнички адаптери и батериски уреди за полнење други батерии покажувале ризик од прегревање или електричен удар. Биле тестирани по 12 производи во секоја од овие три категории (вкупно 36). Три четвртини од производите не ги поминале тестовите за електрична безбедност. Тестираните производи често пати биле евтини, од непознати брендови или небрендирани.
Некои пластични играчки за бебиња и деца не ги исполнувале законските ограничувања на хемискиот состав. 29 играчки биле тестирани за фталати-хемикалии кои се користат за да се направат играчките меки и еластични. Бидејќи за некои фталати постои сомневање дека ги нарушуваат хормоните, не е дозволено да бидат содржани во играчки за деца под 3 години, а само до одредена граница за повозрасни деца. 9 од играчките сепак ги надминале максимално дозволените количини, некои дури и до 200 пати.
Била пронајдена детска облека со долги врвки. 14 од 16 парчиња облека-како што се дуксови- не ги поминале тестовите за безбедност на ЕУ затоа што нивните врвки биле премногу долги или биле присутни на места каде што не смеат да бидат. Ова го зголемува ризикот од несреќи, вклучително и од задушување.
Овие тестови биле спроведени преку Меѓународната мрежа за истражување и тестирање на потрошувачите (ICRT), во име на конзорциумот предводен од Test Achats/Test Aankoop од Белгија и во која се вклучени Altroconsumo од Италија, Consumentenbond од Холандија, Forbrugerrådet Tænk од Данска, Stiftung Warentest од Германија) и Which? од Обединетото Кралство. DECO од Португалија и OCU од Шпанија ги објавија резултатите и во своите земји.
„Време е ЕУ да бара одговорност од интернет продавниците за опасни производи што се продаваат на нивните страници, а властите да ги стават под поголема контрола. Во иднина, ова треба да ги направи сајтовите претпазливи и да ги спречи потрошувачите да бидат изложени на небезбедни производи, што би бил најефикасен начин за нивна заштита“, е препораката објавена во текстот во Билтенот на Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Текстот е подготвен во рамки на Мониторинг извештајот изработен од страна на Институтот за стратешки истражувања и едукација од Скопје во рамки на проект подржан од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) преку Проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Мониторинг извештајот е достапен на интернет страницата на ИСИЕ.
Фото насловна: Организација на потрошувачи-ОПМ