СВР Струмица со апел до граѓаните за новогодишните и божиќните празници
Здравјето на потрошувачите од неконтролирана употреба на пестициди треба да го чуваат и земјоделските производители
Веста дека фармацевтско-хемискиот гигант „Баер“ ќе исплати 10,9 милијарди долари како спогодба за илјадниците тврдења дека неговиот популарен хербицид „раундап“ предизвикува рак во нашите медиуми помина скоро незабележено. Можеби тоа се должи на фактот што такви судски процеси кај нас не се паметат и не се интересни, а можеби и заради ниското ниво на свеста за заштитата на потрошувачите од небезбедни препарати по нивното здравје.
Кај нас жалбите од потрошувачите за неквалитетни препарати и средства за заштита ги нема многу, но сепак во Државниот инспекторат за земјоделство велат дека и по тие што пристигнуваат кај нив постапуваат согласно законот.
-Кај нас најчесто се жалат земјоделци од ефектот на одреден пестицид. Некој земјоделец прскал и кажува од каде го купил пестицидот и немал ефекти врз посевот. Ние земавме примерок од истиот пестицид од аптеката, ги испитавме и се беше во ред. Со пестицидите многу е битно кога и како се применуваат, дозата и колку треба да се прска и со што треба да се прска. Имаме регистрирани случаи, но ретки се. Кога ќе добиеме жалба веднаш излегуваме на терен и контролираме. Незадоволните потрошувачи можат да пријават анонимно, на телефон, на електронска пошта и писмено, објаснува Билјана Талеска, раководител на Одделение по фито санитарна инспекција при Државниот инспекторат за земјоделство.
Додава дека во нашата држава се одобруваат само оние пестициди кои се регистрирани во ЕУ.
-Ние всушност правиме признавање на дозволата од ЕУ. Не може да се регистрира кај нас некој пестицид што не е одобрен од ЕУ, а може да потекнува и од земји кои не се членки на Европската унија. Контролите на влезот на пестицидите ги вршиме на два начини: земаме примероци и ги носиме во Државната фито-санитарна лабараторија и се испитува дали составот на производите е во согласност со тоа што е наведено во декларацијата, значи во однос на содржината-да не се разредени или нешто друго, а другата контрола е на граница кога се прегледува целосната документација, а исто така земјоделските инспектори влегуваат и во земјоделска аптека и проверуваат дали етикетите одговараат на одобренијата. Кога се укинува некој пестицид во ЕУ, тогаш Фито-санитарната управа, која е надлежна која ги регистрира и ги одобрува, дава одреден период за искористување на залихите, вели Талеска.
Според земјоделците во последните години не е забележано користење на забранети препарати, а немаат сознанија дали се внесуваат средства за заштита на црно.
-Јас исклучиво користам препарати од земјоделски аптеки, а сметам дека забранетите не се користат бидејќи е тешко да се најдат, но и казните се големи за нивно користење. Порано имаше повеќе жалби од земјоделците за квалитетот на препаратите, но во последно време ретко кој се жали, смета Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикат на земјоделци од Струмица.
Земјоделските стручњаци сметаат дека најголем проблем е нестручното користење на препаратите и непридржувањето до советите на експертите.
-Земјоделецот мора да знае дека средството треба да се искористи во вистинскиот момент врз основа на дијагностика на стручни лица. Бидејќи тоа го немаме, производителот слободно и неконтролирано го применува средството, иако за тоа има упатство за употреба. Голем број од средствата се термо лабилни и ако се прска над 30 степени, тогаш не е ефикасно. Но, за жал тоа се случува. Затоа, уште еднаш повторувам: без стручен пристап и фенофазата во која е растението, која ја утврдува стручњакот, не може да се очекуваат никакви резултати од употребата на средството, смета д-р Ристо Вучков, сксперт за заштита на растенија.
Интересен е неговиот став за користење на забранети препарати во Струмичкиот регион.
-Во ЕУ се забранети препаратите од прва група отрови со цел да се подобри здравјето кај луѓето. Такви се нематоцидите, кои се од прва група отрови, како што беа „метал бромид“, „вајдат“, „мокап“, кои предизвикуваат канцерогени заболувања кај луѓето и сега имаме тренд на користење на органски препарати кои се ефикасни за спречување и сузбивање на ширењето на болестите,а од друга страна не се отровни. Но, мора да се каже дека од некои земји, по тие т.н. „црни линии“, стигнуваат препарати од прва група отрови кои не смеат да се користат и за нивно целосно елиминирање е потребна поголема контрола на државните органи, вели д-р Вучков.
Според експертите најголема закана за здравјето на граѓаните е непочитувањето на „каренцата“, односно времето од последното третирање на производот со хемиски средства, до бербата и носењето на пазар.
-Кога имаме нестручно користење на хемиските средства за заштита на растенијата буквално не се внимава на „каренцата“. Што се случува? Имаме зголемен број на канцерогени заболувања и мора да се сфати дека здравјето на потрошувачите може да се зачува само со едукација на земјоделецот. Не може да се замисли оние „карициди“, кои имаат 40 денови „каренца“ со кои се уништува пајакот кај краставицата, а таа се бере често. Доколку се направи анкета меѓу прозиводителите најголем дел од нив нема да знаат што е. Тој треба прв да го знае тоа и треба да биде заштитник на здравјето на консуматорот, додава д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата.
Земјоделците се свесни дека токму „каренцата“ е таа што треба да го определува квалитетот на нивното производство, но во трката за подобра цена и порано набрано производство понекогаш и не внимваат.
-Јас внимавам на „каренцата“, бидејќи не сакам моето производство кое ќе се најде на полиците на некој маркет или на тезгите на зелените пазари да биде контролирано и потоа да биде препознато како неквалитетен производ. Сметам дека и другите земјоделци се повеќе стануваат свесни за тоа какви производи треба да предаваат и сум уверен дека бргу ќе дојде времето кога секој ќе внимава што продава, затоа што ние сме мал простор и откупувачите веднаш ќе дознат доколку некој продава „отровно“ производство, смета Ристо Велков, претседател на претседател на Сојуз на синдикат на земјоделци од Струмица.
Од Државниот инспекторат за земјоделство информираат дека фито-санитарни инспектори за време на берба или кога се во примарен магацин земјоделските производи, земаат примерок и го носат на испитување Државната фито-санитарна лабараторија, која е акредидирана и таму може да се препознаат над 300 активни материи.
-Доколку некој производ се третирал со одреден пестицид, се утврдува која е концентрацијата на остатоците во него. Додека трае испитувањето се стопира натамошната продажба и доколку се утврди дека концентрацијата е над дозволеното, тогаш тие производи се уништуваат. Имаме такви случаи, но не се загрижувачки. Колегите од Агенцијата за храна и ветеринарство ја контролираат каренцата кога производот е на пазар или во маркет, што значи дека имаме двојна контрола на производот. Доколку утврдат присуство на остатоци од пестициди не информираат нас, а нашите инспектори одат кај производителите за да проверат дали воделе евиденција околу прскањето и дали се придржувале на роковите за каренцата, подетално објасни Билјана Талеска, раководител на Одделение по фито санитарна инспекција при Инспекторатот за земјоделство.
Граѓани кои ги анкетиравме на зелените пазари во Струмица велат дека за да се заштитат од непроверени земјоделски производи или за кои се сомневаат дека не се безбедни за нивното здравје, најчесто купуваат од исти продавачи и преферираат да се директни производители, а не од препродавачи. Сметаат дека тоа е најдобар начин да купат здрав производ за нивните пари.
Малкумина знаат за „каренцата“, но велат дека им веруваат на производителите и на надлежните институции дека сепак купуваат здрави производи на зелените пазари.
Текстот е подготвен во рамки на Мониторинг извештајот изработен од страна на Институтот за стратешки истражувања и едукација од Скопје во рамки на проект подржан од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) преку Проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Мониторинг извештајот е достапен на интернет страницата на ИСИЕ.
Р. Т.