„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Пожарот во „Глобал“ се гаснеше пет часа
Пожарот во Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица избувнал синоќа во 23:12 часот,а гаснењето траело скоро 5 часови, односно е изгаснат во 03:50 часот, информираше денеска командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев.
Во гаснењето учествувале вкупно 61 пожарникари со 18 возила. Покрај целиот состав на ТППЕ Струмица, во гаснењето учествувале и пожарникари од Радовиш, Кавадарци, Штип и Валандово, како и цистерни од струмичкото комунално претпријатие.
-Синоќа, (сабота) 02.01.2021 година во 23.12 часот избувна голем пожар во ГТЦ Глобал. ТППЕ Струмица веднаш по првата дојава излезе на лице место. Согледувајки ја сериозноста и големината на пожарот веднаш е извршена мобилизација на целиот состав на единицата и тоа 38 пожарникари спасители и 6 ПП возила. Побарана е помош од ТППЕ Радовиш со 3 ПП возила и 6 пожарникари спасители, ТППЕ Кавадарци со 3 ПП возила и 8 пожарникари спасители, ТППЕ Валандово со 3 ПП возила и 4 пожарникари спасители, ТППЕ Штип со 1 ПП возило и 5 пожарникари спасители и ЈПКД Комуналец со 2 возила цистерни за дотур на вода. Извршено е гаснење на пожарот од три влеза и тоа од ул.Ленинова, ул.4 Јули и ул.Васил Сурчев. Пожарот е ликвидиран во 03.50 минути. Оставена е дежурна екипа заради догасување на одредени жаришта во приземниот дел. Причинета е огромна материјална штета, објавија на својата фејсбук страница струмичките пожарникари.
Гудев информираше дека пожарот бил пријавен од стражарската служба, а пожарникарите стасале за 3 минути. Најпрвин избувнал во делот каде се врши доставување на стока и брзо се проширил.
Додаде дека е опожарена е една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, како и на дел од вториот. При гаснењето е повреден еден пожарникар, кој вдишал јаглероден монооксид и по укажаната помош во болницата е пуштен на домашно лекување.
Во изјавата за медиумите командирот на ТППЕ Струмица побара од граѓаните да се воздржат од негативни коментари по социјалните мрежи и да не се шири говор на омраза, а најостро ги демантираше информациите дека пожарникарите делувале ненавремено.
Фото: ТППЕ Струмица