Астерфест: КРАТКО ИНТЕРВЈУ СО СЕЗЕР САЛИХИ, филмски автор
„Астерфест“ е фестивал чија заложба е промоција на независни, авторски, поинакви кратки форми. Вашиот филм „ЗА ЖИВЕЕЊЕТО“ е дел од овогодишната официјална натпреварувачка програма, што ќе се прикаже на 2 август, во Летниот амфитеатар во Струмица, во вечерниот блок проекции. Какво ви беше искуството додека филмот се прикажуваше на низа светски фестивали?
– Благодарност за селекцијата, драго ми е што филмот беше избран да се прикаже на домашен фестивал. Филмот шеташе по фестивали точно една година од првата премиера што ја имаше на „Докуфест“, беше на Фестивалот за документарни и видеофилмови во Касел (Kassel Documentary Film and Video Festival), на фестивалот „Гоу шорт“ во Холандија (Go Short), на Филмскиот фестивал во Херцег Нови, на фестивалот „Кино Косова“ во Швајцарија итн.
Вашиот кусометражен филм е мошне интересен, веристички проникнува во есеистичко-документаристичкиот третман на големите тези дека животот е краток и времето многу брзо поминува. Би можеле ли да ни откриете нешто за својот авторски пристап при правењето на ова интересно филмско дело – како настана идејата, како течеа снимањето и монтажата? И секако, што значи за вас посветеноста кон краткиот, документарниот и независниот авторски филм, што е и долгорочен приоритет на „Астерфест“?
– Овој краток документарец беше направен во соработка со Ана Кривенко, која е талентирана и успешна режисерка/монтажерка/сценаристка од Украина. Идејата за да соберам храброст да направам ваков филм почна од пред две години, кога бев избран во програмата „Сараево талент“ во склоп на режисерскиот самит во 2022 година, под менторство на Ѓула Газдаг. Таму имаше различни работилници, на пример, со Рубен Остлунд, Сергеј Лозница, Јасмила Жбанич, а меѓу другото, се спроведе и меѓународниот проект „Некој нè нарекува Балкан“, со незаборавното кураторство и искуство на Кумјана Новакова. Идејата почна оттука, но инспирацијата е постара, потекнува од поезиите на Назим Хикмет, Омар Хајам и Ашик Вејсел. Ме фасцинираше нивниот дијалог, нивното гледиште, искуството и целокупната нивна перспектива ЗА ЖИВЕЕЊЕТО!
Процесот на правење на филмот почна со прашањето „Што е живеењето?“, што де факто е исто прашање како и „Што е филмот?“
Филмот и живеењето се иста жива материја, која се менува, не останува иста. Правењето филм е процес, едноставно нема крај, нема години, нема старост, па ниту младост, нема конечни одговори, нема дефиниции. Тој процес е слободен, нема предзнаења, интуитивноста на филмот се гради без план. Почнува од себепронаоѓањето во материјата или во нештата поврзани со филмот, во тоа и се крие предизвикот.
Во филмот се користени различни начини и изрази (new media footages, archive footages), тоа ми даде голема слобода, ќеф додека го работев. Идејата на филмот се пронајде во материјалите, внатре во филмот. Даде едноставност во многуте работи, без никакво комплицирање, пролонгирање на нештата или нивно дефинирање. Јазикот на филмот не можам да го дефинирам, па и не би сакал. И мислам дека треба да остане така, оти убавината се крие токму таму, во (не)знаењето.
Во суштината на сè што кажав е посветеноста. Ќе помине време, ќе поминат години и периоди, но мислам дека посветеноста ќе остане жива, и со неа ќе учиме секој ден додека живееме!