„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Бочварски: Експресниот пат од Бучим до Радовиш ќе биде пуштен во сообраќај најдоцна септември годинава
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ја посети општина Радовиш каде оствари работна средба со градоначалникот на општината Герасим Конзулов.
Во рамките на посетата министерот Бочварски, градоначалникот Конзулов и директорот на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионални патишта Беким Мемеди, извршија увид во реконструираниот регионален пат од Радовиш до Плачковица.
Патниот правец кој е во должина од 19 км, се реконструира преку ЈП за одржување на магистралните и регионални патишта, за што се инвестирани преку 100 милион денари.
Министерот Бочварски и градоначалникот Конзулов денеска го потпишаа и договорот за рехабилитација на локалниот пат кој ги поврзува населените места Прналија и Супурге. Инвестицијата е во вредност од 20 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за транспорт и врски, во рамките на проектот „Поврзување со локални патишта со општините“.
„Денеска сме овде да го означиме завршувањето на овој патен правец до Плачковица. Со асфалтирањето на последната делница од околу 5 километри, практично целосно ја завршуваме обновата на патниот правец од Радовиш кон планината Плачковица.
Со тоа овозможуваме континуиран развој на планинскиот туризам во регионот. Овој проект е од големо значење за сите граѓани на општината, но и од целата држава кои ги посетуваат природните убавини на Плачковица.
Како Влада посебен фокус ставаме на локалната патна мрежа, денеска ја искористив посетата за да го потпишеме за рехабилитација на патот кој ги поврзува населените места Прналија и Супурге.“ – изјави Бочварски.
Министерот Бочварски потенцираше дека во Радовиш во моментов се работи на еден од најзначајните капитални проекти, а тоа е изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш и нагласи дека делницата од Бучим до Радовиш ќе биде пуштена во сообраќај најдоцна до септември.
Директорот на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионални патишта Беким Мемеди изјави дека патниот правец од Радовиш до Плачковица, чија вредност изнесува повеќе од 100 милиони денари и е финансиран од Владата на Република Северна Македонија, е целосно завршен и пуштен во сообраќај.
„ЈП Македонија Пат пред недела дена го заврши успешно последниот дел од асфалтирањето на патниот правец Плачковица-Радовиш во должина од 5 км и 200 метри, со тоа комплетно е завршена и последната фаза од овој значаен патен правец за туризмот и за граѓаните на општина Радовиш. Вредноста на целиот патен правец е околу 100 милиони денари и е со вкупна должина на нешто повеќе од 19 км.“
За градоначалникот Конзулов инвестициите во инфраструктурата ќе придонесат за побрз развој на општината и подобрување на условите за живеење на жителите на општината.