fbpx

Доделени сертификати на 14 младински работници

 Доделени сертификати на 14 младински работници

Вкупно 14 младински работници денеска добија сертификати за завршена програма за образование на возрасни, во согласност со стандардот на занимање Работник со млади. Ова се првите сертифицирани младински работници во нашата земја, според Националното портфолио на младински работници.  

Како верификувана институција за образование на возрасните, Сојуз за младинска работа во декември минатата година почна со спроведување на образовната програма за занимањето Работник со млади, верификувана во 2019 година од страна на Јавната установа Центар за образование на возрасните. Ова четиримесечна обука е првата програма спроведена врз основа на стандардот на занимање Работник со млади, одобрен од Министерство за труд и социјална политика во 2018 година.

Драган Атанасов, генералниот секретар на Сојузот за младинска работа, на денешната прес-конференција изрази надеж овие младински работници да си најдат соодветни работни места, во младински организации или младински центри за работа.

– Долг беше патот да се дојде до тука, бидејќи прво требаше тој стандард на занимање да биде прифатен од страна на Центарот за стручно образование на возрасните, врз основа на тоа беше изработена програма за орбаозвание на возрасните, која што беше верификувана од страна на Центар за орбазование на возрасните (ЦОВ), а потоа Сојуз за младинска работа беше акридитирана како установа за образование на возрасните, и верификувана од страна на Министерството за образование и наука. Сето тоа со огромна поддршка од Агенција за млади и спорт како наш институционален партнер, рече Атанасов.

Сертификатот на овие младински работници кој што го издава Сојузот за младинска работа е признаен од сите институции во државата. Атанасов додаде дека има и други младински работници кои учествуваат во разни обуки организирани од Советот на Европа, од Европска комисија, од наши невладини организации, но, како што посочи, ова е првпат младински работник да добие институционално признаен сертификат, што е значаен чекор за препознавање на професијата младински работник.  

– Со ваков сертификат се прави значаен чекор за препознавање на професијата младински работник кај нас и се надеваме дека во иднина ќе има и други групи младински работници и дека наскоро ќе следи отворање и на факултетска програма за младински работник, за да може и од дргуите профили на младински работници да имаме едуцирани и препознаени кадри. Заеднички да работиме за младинскиот работник како професија да си го добие местото во семејството на професии, кои работат на личен професионален и социјален развој на младата личност, посочи Атанасов.

Ѓорѓи Тасев, Советник на претседателот на Владата за млади и младински политики на прес-конференцијата рече дека во период што следи ќе се отворат нови младински центри, така што, посочува, ова е одлична можност за овие младински работници да ги покажат своите вештини и компетенции.

Програмата за образование на возрасните врз основа на стандардот Работник со млади беше спроведена со финансиска поддршка од Агенција за млади и спорт.  

Наумче Мојсоски, директорот на Агенција за млади и спорт рече дека со отворање на младинските центри низ државата овие работници ќе си го најдат своето место, а како што посочи, главната цел е оваа програма да се вметне и во факултетското образование со институционална помош, за сите директно да се вклучат да помогнат да се препознаат младинските работници.

Младинските работници можат да работат во различни работни средини во кои младинската работа може да биде примарна или секундарна дејност, како на пример граѓански организации, младински центри и клубови, младински советувалишта, но и училишта, интернати, единици на локална самоуправа и во други институции и организации.

Share via
Copy link