Пронајдени 10 лица мигранти од Египет, лишен од слобода криумчарот од Латвија
ЕРДОГАН ИМ ДАДЕ ПРИОРИТЕТ НА КРИТИЧНИТЕ МИНЕРАЛИ, НЕДОСТИГОТ НА БАКАРОТ Е НЕИЗБЕЖЕН Македонија го пропушта проектот во Иловица

Турција е решена да ги поттикнува инвестициите во рударството, како што претходно тоа го стори и Грција, но со средствата од Европската Унија. Додека во соседството и регионот масовно се зборува за подем на рударската индустрија, во Македонија новоотворен металичен рудник нема повеќе од четириесет години, а индустријата континуирано регистира пад.
Турција ќе формира ново државно тело кое ќе ја координира политиката за критични минерали, со цел зголемување на домашниот ископ и намалување на ризиците во снабдувањето за одбранбената индустрија, енергетиката и високотехнолошката индустрија. Т.н. Одбор, кој ќе го сочинуваат повеќе институции, ќе го одредува стратешкото значење на одреден минерал за индустријата, како и еколошките и социјалните ефекти од екстракцијата и преработката на рудите.
Турција е решена да ги поттикнува инвестициите во рударството, како што претходно тоа го стори и Грција, но со средствата од Европската Унија. Додека во соседството и регионот масовно се зборува за подем на рударската индустрија, во Македонија новоотворен металичен рудник нема повеќе од четириесет години, а индустријата континуирано регистира пад. Во моментов има само една инвестиција за ископ на критична суровина, односно за експлоатација на бакар во Иловица, но и таа е во застој. Проектот „Иловица-Штука“ сепак добива поддршка од локалната иницијатива „И здравје и работа“, од каде неодамна соопштија дека последните статистички податоци треба да бидат повик за сериозно преиспитување на односот на институциите кон рударскиот сектор.
„Македонија има минерални ресурси, има стручни кадри и има заинтересирани инвеститори. Она што недостига е навремено институционално дејствување и создавање услови инвестициите да се реализираат во согласност со законите и највисоките стандарди за заштита на животната средина. Постојните капацитети постепено се соочуваат со исцрпување на ресурсите, а во исто време, глобалната побарувачка за бакар расте. Цената на овој метал надмина 14.000 долари за тон, што дополнително ја зголемува стратешката и економската вредност на домашните ресурси. Во такви услови, проектот за рудникот за бакар „Иловица–Штука“ претставува една од најзначајните инвестициски можности за македонската економија“, се истакнува во соопштението.
Според иницијативата, Македонија не смее да ги пропушта инвестициите во момент кога светот се соочува со зголемена побарувачка за бакар и други критични минерали и „доколку проектите ги исполнуваат сите законски, технички и еколошки услови, државата има обврска да создаде услови тие да се реализираат“.
Сепак, додека Македонија сѐ уште не фаќа тек во глобалната трка, Извештајот за критични и стратешки минерали на Турција создаде листа од 37 минерали. На листата на критични минерали со највисок приоритет беа поставени вкупно осум – бакарот, литиумот, среброто, титаниумот, железото, манганот, цинкот и алуминиумот. Според Саит Ујсал, основач на Иницијативата за критични минерали на Турција, воените конфликти, зелената транзиција и модернизацијата на електропреносната мрежа, ја зголемуваат на светско ниво побарувачката на критичните суровини. Тој го посочи бакарот како најкритичен, бидејќи за него брзо се исцрпуваат и резервите.
– Недостигот на снабдување со некои минерали се чини неизбежен, како што се ретките елементи кои се користат во моторите на електричните возила и ветерните турбини, но и бакарот, чија побарувачка брзо се зголемува поради процесот на електрификација, а од друга страна потребни се во просек 17 години за нов рудник за бакар да се реализира од откривање до производство – изјави Ујсал за агенцијата „Анадолија“.
Поради честите трговски бариери и „ресурсен национализам“ голем број држави веќе склопуваат билатерални договори за заеднички напори за ископ на руди и снабдување. Турција, која поседува огромен руден потенцијал, последно најави соработка во областа на критичните минерали со Австрија. Ова го истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на средбата во Анкара со австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
– Веруваме дека ќе ја достигнеме нашата цел за трговска размена од пет милијарди долари оваа година, со оглед на постигнатите 4,5 милијарди долари во 2025 година. Над 1.000 австриски компании работат во нашата земја. Директните австриски инвестиции надминаа 11 милијарди долари. Инвестициите на Турција во Австрија се приближуваат до 1 милијарда долари. Сите овие бројки се најјасен показател за потенцијалот меѓу нас. Имаме значаен потенцијал за соработка со Австрија во областите на зелена енергија, критични минерали, висока технологија, транспорт и одбранбена индустрија – изјави турскиот претседател Ердоган.
Турските власти претходно најавија дека се стремат да бидат и еден од петте најголеми производители во светот на ретки елементи.
(преземено од www.plusinfo.mk, линк од објавата:https://plusinfo.mk/erdogan-im-dade-prioritet-na-kritichnite-minerali-nedostigot-na-bakarot-e-neizbezhen-makedoni-a-go-propushta-proektot-vo-ilovica/)