„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Градоначалникот Јаневски на увид на „Глобал“ заедно со премиерот Заев
Градоначалникот Коста Јаневски со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и директорите и раководителите на надлежните општински и државни институции, изврши увид во опожарениот трговски центар „Глобал“. Пожарот којшто ноќеска пред полноќ избувна во „Глобал“ предизвика голема материјална штета.
-За мене е најважно што нема човечки жртви, се она што е материјално изгубено, јас се надевам и ветувам дека на некој начин со поддршка на Премиерот и на централната власт и со наши сили, мислам дека ќе го надокнадиме тоа.Ваквите случувања никој не може да ги предвиди, секако едно искушение носи еден своевиден тест на којшто нашето општество треба да покаже колку е организирано, колку е солидарно, колку е подготвено да помогне. Овде луѓето изгубија материјални добри коишто цел живот ги создавале и не можеме да бидеме рамнодушни. Денеска се сретнавме со здруженијата на субјекти коишто работат во Глобал, тие веќе имаат свои видувања и ставови, да почекаме да заврши овој период на иследување, утврдување на причините за несреќата и проценката на штетите и ќе почнеме со соработка, со организација на она што се вика помош. Сакам да ја искажам мојата голема благодарност и признание на Територијалната професионална противпожарна едница Струмица, да се заблагодарам на нивната професионалност. Секако благодарност до општините коишто покажаа голема солидарност, брзо, ефикасно стигнаа и помогнаа на нашите ресурси. Тоа се ППЕ од Радовиш, Штип, Кавадарци и Валандово. Бев во контакт со градоначалниците, командирот со командирите на ППЕ. Така што мислам дека за ваков пожар, овие единици покажаа дека се доста обучени и професионални и за релативно кратко време го спасија она што можеше да се спаси во овој значаен објект за Струмица. Сега е време за солидарност, помош, заедничка заложба да им помогнеме на сите луѓе чии објекти претрпеа штета во пожарот и да им покажеме дека тие не се сами во овие исклучително тешки моменти за нив, рече градоначалникот Јаневски.