fbpx

Градоначалникот Костадинов ќе учествува на првата регионална конференција посветена на паметни градови од Западен Балкан

 Градоначалникот Костадинов ќе учествува на првата регионална конференција посветена на паметни градови од Западен Балкан

Регионалната Конференција “Безбедни. Зелени. Решенија за паметни градови: Ризик и можности за Западен Балкан“, поддржана од “AmCham” Албанија и Американската Амбасада, од 20 до 22 септември на едно место ќе обедини претставници на водечки технолошки компании и градоначалници од Западен Балкан.

На иницијатива на Американската Администрација поддржано од “AmCham” Албанија и Американската Амбасада, во Тирана, Албанија, од 20. до 22. Септември ќе биде реализирана регионална конференција на тема “Безбедни. Зелени. Решенија за паметни градови: Ризик и можности за Западен Балкан“ (Secure. Green. Smart City Solutions: Risk & Opportunities for Western Balkans). Целта на иницијаторите е подигнување на јавната свест и соочување со реалноста поврзана со употребата и експлоатацијата на енергијата.

Во таа смисла, конференцијата има за цел, во рамки на Западен Балкан, да го акцентира овој проблем и низ искуствата на авторитетите од државите, да се видат можностите и потенцијалите кои во оваа област ги имаат градовите во регионот за развој како “паметни“ градови, преку имплементација на иновации, услуги и платформи на различни нивоа.

Во рамки на дводневниот настан организиран во форма на панел дискусии и размена на искуства, ќе бидат опфатени теми од областа на енергетиката, екологијата, зелените решенија и урбаниот развој, достапноста и начините на финансирање, технолошките инвестиции, дигитализацијата, сајбер безбедноста, како и за можностите за соработка помеѓу паметните градови. Фокусот ќе биде ставен на паметните градови и нивната улога во иднината, како и трансформацијата на паметните градови преку зелени решенија.

Во рамки на предвидените активности, учество ќе заземат голем број раководни структури, одлучувачи и претставници на светски познати компании. На 21. септември, со свое излагање и презентација на тема “Добри практики: Време за Урбан Развој преку Зелени Инвестиции“ ќе учествува Костадин Костадинов, градоначалник на Општина Струмица, каде што ќе ги сподели искуствата и практиките кои се применуваат во општина Струмица.

-Со задоволство ја прифатив поканата да бидам еден од учесниците на овој важен настан. Подигнувањето на свеста за експлоатацијата на енергијата, како иницијатива на Американската Администрација е од суштински значај и важност, долгорочно. Струмица е една од Општините која во континуитет работи на различни програми и модели кои третираат вакви практики, за кои конкретно ќе дискутираме во Тирана, потенцираше Костадинов.

Оваа конференција е прва од ваков тип, со фокус на паметните градови во Западен Балкан која на едно место ги обединува лидерите на општините и водечките глобални технолошки компании. На настанот е предвидено да учествуваат околу 24 претставници на водечки технолошки компании и 20 Градоначалници од Западен Балкан.

Сите заинтересирани, ќе може да го проследат отворањето на конференцијата преку преносот во живо на социјалните канали на “AmCham“ Албанија, додека останатиот дел од конференцијата има затворен карактер.

Share via
Copy link