fbpx

Југоистокот избра приоритетни проекти за финансирање

 Југоистокот избра приоритетни проекти за финансирање

На втората форумска сесија организирана од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион претставниците на граѓаните од општините, институциите и граѓанските организации од Југоисточниот плански регион ги ибраа проектите „Смарт вело регион“ и „Туризмот-иднината на регионот“ и тие се утврдени како приоритетни  за Југоистокот.

Проектот „Смарт вело регион“ предвидува регионално поврзување на дел од вело патеките од  Југоисточниот регион, нивно мапирање, расчистување, порамнување, обележување со инфо табли и поставување на опрема и реквизити потребни за велосипедистите. Преку овој проект поврзаноста на велосипедските патеки/рути ќе претставува една поврзана целина која ќе ги интегрира сите значајни рути кои ги користат љубителите на активниот туризам, не само велосипедистите и планински мото возачи, туку и планинарите и воопшто љубителите на природата. •Целата велосипедска рута ќе биде мапирана и ќе биде дигитализирана, со јасно обележани патеки кои понатаму сите велосипедисти, планински мото возачи и планинари ќе може да ги користат кога ќе ги минуваат овие рути. Ќе биде изработена и веб страна со поставување на трасите во .gpx .kml и други компатабилни формати за лесно превземање на рутите за користење на мобилни и дигитални апарати кои ќе може љубителите на природата да ги користат за навигација во просторот, а ќе содржи и информации за предивдената рута и за активностите кои ги имаат вело клубовите од регионот, интересни настани и места за посета и возење.

Проектот „Туризмот-иднината на регионот“ е на шестте партнерски општини (Дојран, Ново Село, Босилово, Валандово, Василево и Радовиш) кои се обединија со овој проект, со цел збогатување на туристичките содржини во регионот во кои ќе можат да уживаат туристите преку целата година. Регионалното значење на предлог проектот е видливо истакнато преку активности во шест општини во Југоисточниот регион (Дојран, Босилово, Ново Село, Валандово,  Василево и Радовиш) преку кои се промовира регионална соработка во насока на  поддршка и развој на различни видови на туризам во регионот, како и да изгради имиџ на препознатлива туристичка дестинација, базиран на културно, историско и природното наследство, но и да биде препознатлива по производите и услугите, кои ќе бидат современи и одржливи со висок квалитет, издигнати на ниво на најдобрите светски искуства. Со овој проект населението од Југоисточниот плански регион, домашните и странските туристи ќе имаат на располагање туристички понуди и пристапна патна инфраструктура, со што се отвара можност за зголемување на посетите во регионот посебно за рекреација, излет, духовно исполнување и уживање во природните убавини.

Покрај прворангираните беа предложени и проектите „Енергетски ефикасен регион“, „Дојран-регионална еко оаза!“, „Културното богатство – наследство за идните генерации“, „Реконструкција на локален пат село Стојаково- село Ѓавото“, и „Изработка на техничка документација за изградба на велосипедски патеки во општините Конче, Радовиш и Василево“.

-Предложените проекти значат многу, иако, како што се вели, со еден проект не можеме да го промениме светот, но можеме да направиме еден мал чекор напред да го подобриме квалитетот на живеење на граѓаните во овој регион. Проектите се претежно од областа на туризмот и тоа значи дека ќе ја збогатиме туристичката понуда. Тоа значи повеќе туристи во нашиот регион и секако поголем економски бенефит за регионот, истакна директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова.

Форумските сесии ги организира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во соработка со Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.

Share via
Copy link