Костадинов: фали намалување од 0.001 грам манган на литар вода за да добиеме пак питка вода
„Комуналец“ советува разумно да ја вреднуваме водата
-СВЕТСКИ ДЕН НА ВОДАТА 2021 – ” ВРЕДНУВАЊЕ НА ВОДАТА“ -Токму под ова мото на Обединетите нации, ЈПКД „Комуналец“ Струмица Ве советува разумно да ја вреднуваме водата.
Вреднувањето и значењето и на водата речиси сите луѓе различно го сфаќаат.Вистинско вреднување на водата е кога ја употребуваме исклучиво за нејзината намена, а тоа е вода за пиење и потреби на домаќинството. Со наводнување на земјоделските површини и разладување на дворовите со вода за пиење, ја обезвреднуваме водата за пиење како ресурс, го обезвреднуваме трудот на сите вработени во ЈПКД „Комуналец“ што учествуваат во процесот на прочистување и обработка на суровата вода до степен на вода за пиење, да ја дистрибуираат и да ја донесат до нашите домови.
Колку е важна водата за вашиот дом и семеен живот, за животот воопшто, културните навики и пракси, благосостојбата на населението и локалното опкружување? Во домаќинствата, училиштата и работните места, водата може да значи здравје, хигиена, достоинство и продуктивност. Во природните пространства, водата може да значи мир, хармонија и зачувување.
Денес, водата е под огромна закана од зголемената популација, зголемување на побарувањата од земјоделството и индустријата и влошување на влијанието на климатските промени.
Обединетите нации го одбележуваат Светскиот ден на водата 2021 година со глобална јавна дебата за тоа како луѓето ја ценат водата и сите нејзини употреби. Водата е крајно загрозена поради растот на населението, зголемената побарувачка во земјоделството и индустријата, како и влошените последици од климатските промени.Со економскиот развој и растот на населението во светот, земјоделството и индустријата стануваат се повеќе жедни, а поради зголемувањето на побарувачката расте производството на енергија за што е потребно многу вода, предупредија ООН пред Светскиот ден на водата 22 март.
Темата, оваа година, е како да почнеме да ја цениме водата над нејзината цена. Одговорот на прашањето кое се наметнува со оваа тема, одредува како се управува, како ја дистрибуираме и како ја употребуваме водата.Важноста на водата, нејзината вредност се наоѓа испреплетена во врските помеѓу поединците, домаќинствата, културата, образованието, општеството, економијата и интегритетот на природата што нè опкружува.Ако занемариме која било од овие вредности, ризикуваме лошо да управуваме со овој ограничен, незаменлив ресурс.
-Дури 129 земји не се на пат да воведат целосно одржливо управување со водните ресурси во 2030 година, а сегашната стапка на напредок мора да се удвои, соопшти ООН.
Повеќе од три милијарди луѓе се изложени на ризик поради недостаток на податоци за состојбата на нивните реки, езера и подземни води.Недостатокот на безбедна вода е многу поубиствен за децата отколку куршумите и шрапнелите во 16 земји погодени од војната, според Фондот за деца на ООН (УНИЦЕФ). Деца на возраст под пет години имаат 20 пати поголема веројатност да умрат таму од болести поврзани со неквалитетна вода и лоша хигиена отколку од воениот конфликт.Во извештајот се наведува дека секоја година 85.700 деца под 15-годишна возраст умираат од дијареја предизвикана од небезбедна вода и недостаток на хигиена, наспроти 30.900 кои умираат во војна.
Обединетите нации ја предводат Декадата за акција на вода која завршува во 2028 година. Според нивните податоци околу 2,2 милијарди луѓе, или приближно секое трето лице во светот, живее без пристап до безбедна вода.