МОК го одржа традиционалниот Олимписки пикник во знакот на спортот и пријателството

 МОК го одржа традиционалниот Олимписки пикник во знакот на спортот и пријателството

На просторот пред СЦ „Јане Сандански“, во организација на
Македонскиот олимписки комитет (МОК), се одржа традиционалниот Олимписки
пикник. Во пријатна и опуштена атмосфера, настанот ги обедини спортистите,
олимпијците, соработниците и пријателите на спортот во ден посветен на забавата
и негувањето на олимписките вредности.

Официјалниот дел го отвори Претседателот на МОК, Даниел Димевски, кој во
своето обраќање го истакна значењето на овој настан и континуираното градење на
спортската заедница. Тој упати посебна благодарност до присутните гости, меѓу
кои и Амбасадорката на НР Кина, нејзината екселенција Џианг Сјаојен,
претставниците на Грчката амбасада, како и до сите спортисти и олимпијци. Еден
од најубавите моменти беше јавното признание и врачувањето на подароци за
тимот кој неуморно и посветено работеше на Европскиот младински олимписки
фестивал (EYOF), како знак на внимание за нивниот придонес.

Пикникот понуди и уникатна културно-спортска програма. По поздравното
обраќање на амбасадорката Џианг Сјаојен, вработените во амбасадата на НР Кина
изведоа прекрасна демонстрација на традиционалната вештина Ba Duan Jin.
Веднаш потоа следеше и атрактивна демонстрација на Wing Chun Kung fu (Wushu)
предводена од Сифу Мирослав Тодоровски. Она што особено го одбележа овој дел
од денот беше интерактивноста – присутните гости не само што уживаа во
настапите, туку имаа и одличен простор самите да бидат дел од нив, да се
приклучат и да ги пробаат овие древни кинески вештини. Ова предизвика многу
насмевки, позитивна енергија и вистинска забава меѓу сите генерации.

По завршувањето на официјалниот и демонстративниот дел, гостите целосно се
препуштија на неформалното дружење. Со одлична музичка селекција од двајцата
присутни диџеи, вкусна храна и освежителни пијалаци, присутните искрено уживаа
и се забавуваа до попладневните часови. Љубителите на активниот одмор ги
искористија и термините за падел, тенис и пинг-понг додека волонтерите
беспрекорно се грижеа за секој сегмент од организацијата.

Олимпискиот пикник уште еднаш покажа дека спортот е најдобриот начин за
поврзување, ширење на позитивна енергија и создавање трајни пријателства.

Share via
Copy link