„Здрава котлина“: Повлечете го предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини

Екологистите од „Здрава котлина“ бараат во Собранието да се повлече предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини по скратена постапка, објавија денеска на нивната фејсбук страница.
-Пратениците набрзина и без јавна расправа туркаат измени со кои буквално се отвора врата за концесионер да може да добие дозвола за експлоатација на минерални суровини на туѓа земја без притоа да биде ЗАВРШЕНА И ПРАВОСИЛНА постапката за експропријација на земјиште што во суштина значи дека СЕ КРШИ УСТАВОТ и заштитата на приватната сопственост е целосно еродирана во корист на трето лице и државата. Членот 55 се однесува на условите за добивање на ДОЗВОЛА ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА на минерални суровини, што е финална препрека за отпочнување на градба на терен веќе следниот ден по прависилноста на дозволата, се наведува во објавата на „Здрава котлина“.

Се додава дека со ова се ствара ризик за скапи судски процеси и високи оштетни побарувања од страна на сопствениците на земјата што е предмет на експропропријација, но и на концесионерите кои можат да тужат за опструкции и надомест на штета поради издадената дозвола а во услови на нерешени имотно-правни односи, што патем е и основата на условот за добивање дозвола за експолатација.

-Со други зборови ова е сериозна правна несигурност, ерозија на уставот, законски упад во приватната сопственост и генерално општ хаос во случај кога не можат да се договорат страните спогодбено. Ја повикуваме пратеничката Ели Панова да делува разумно и да го повлече овој избрзан предлог кој очигледно е правно неиздржан и ќе падне на Уставен суд, а во меѓувреме ќе продуцира многу спорови кои ќе се одразат на владењето на правото и заштитата на приватната сопственост, се наведува во објавата.
На крајот посочуваат дека ова има импликации на сите рудници (вклучително и Иловица-Штука) каде на мала врата се носи фалично законско решение без да се размисли за последиците, а тврдат дека последици ќе има!