fbpx

Монодрамата „Таа“ се игра десет години на сцената на струмичкиот театар

 Монодрамата „Таа“ се игра десет години на сцената на струмичкиот театар

Пред десет години, на 19 ноември 2010 година во Струмичкиот театар се случи премиерата на монодрамата „Таа“ по текст на бугарската авторка Даниела Колева, а во режија на Васил Михаил. Монодрамата, во изведба на актерката Оливера Аризанова-Мансбарт, овој четврток, повторно на 19 ноември, ќе ја доживее својата најнова, педесет и петта изведба по ред, што ќе значи десетгодишниот јубилеј од првата изведба на монодрамата.

-Се работи за претстава која, споредена со останатите претстави на Струмичкиот театар, е најдолго присутна на сцената – дури десет години. Театарот во Струмица, кој, главно, е ориентиран на целовечерни претстави со повеќе актери, во својот историјат досега, имал само пет монодрами на својот репертоар. Хит-претставата, монодрамата „Таа“ стана една од оние претстави кои, така да се рече, сраснуваат со уметникот, стануваат негов личен знак, го одбележуваат во голема мера творечкиот опус на актерот, во нашиот случај – опусот на актерката Оливера Аризанова-Мансбарт. „Таа“ е тандемски проект, резултат на соработката со режисерот Васил Михаил, како и обид да се открие на сцена животот на современата, обичната, големо-мала жена и тоа преку женското драмско писмо во современата бугарска драматургија, стои во информацијата од НТ „Антон Панов“.

 Се додава дека долгото присуство на претставата на сцена, нејзината популарност, особено кај женската публика, се должи колку на квалитетот на текстот и неговата сценска реализација толку и на умешноста на менаџирањето на самиот проект, што е видливо преку многубројните гостувања во странство и дома. Претставата гостувала во Бугарија, во градовите Софија, Ловеч, Плевен, Шумен, Пловдив и Сливница; гостувала и на Фестивалот на гостувачки театар во Турција, потоа во градовите Мостар и Груде во Босна и Херцеговина, како и во Крањ во Словенија. На Фестивалот на патувачки театар во Сливница, Бугарија, во 2015 година, Оливера Аризанова-Мансбарт ја добила наградата за најдобра женска улога. Монодрамата гостувала и во Гевгелија, Богданци, Демир Капија, Виница и Штип.

    Се работи за проект кој го афирмира Струмичкиот театар во регионални рамки и е своевидно надоврзување на подзаборавената традиција на патувачки тетар.

Share via
Copy link