„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Новогодишно обраќање на градоначалникот Костадинов
Почитувани мои сограѓани,
Многу сакав на секој од Вас да му испратам по една новогодишна честитка, и на тој начин, искажувајќи ви почит и внимание, да ги споделам моите најискрени желби за Вас за во новата 2022 година. Но, честитките се мали по формат и невозможно е во нив да ги напишам сите зборови кои би сакал да ви ги пренесам, и сите нешта кои ви ги посакувам. Токму затоа, оваа видео порака од мене до Вас е најдобриот начин, она што е напишано во моево срце да го најде патот до вашите срца. Притоа, во овие свечени мигови, не ни се потребни улици, куќни броеви или населени места, затоа што и јас и Вие добро знаеме дека Струмица е нашата заедничка адреса и заеднички дом.
Само часови и минути не делат од мигот кога ќе се збогуваме од оваа веќе подостарена и истрошена 2021 година, и кога со многу надежи, желби и очекувања ќе му речеме „добредојде“ на Новото 2022-ро лето Господово. Во очекување на овој толку возбудлив и посакуван миг, убаво е да си направиме куса ретроспектива за годината која си заминува. Секој од нас годината ќе ја памети по своите подеми и падови, победи и порази, по своите животни епизоди со исполнети и неисполнети желби, лични и семејни доживувања, стремежи и дострели, а сите заедно ќе ја паметиме како уште една помината година во услови на пандемија. Јас ќе ја паметам по довербата што ми ја дадовте, за да ја водам општината во вистински правец, во правецот кои вие го посакувате, а како темел за градење нови вредности кои носат подобар живот за сите Вас. Се договоривме тоа заедно да го сториме, па во овие два и пол месеца докажавме дека навистина можеме. Ајде така да продолжиме и во новата година, за да споделуваме радост и гордост од она што ќе го претвориме во заедничко дело. Едно такво дело ќе раѓа нови дела вредни за почит и внимание.
Секој од нас треба неубавите нешта, лошите спомени и грешките да ги спастри во фиоката на заборавот и да ги испрати заедно со годината која си заминува. Но поуките од нив, заедно со веќе востановените и докажани вредности, како и нештата кои не правеле среќни, весели, горди и исполнети, да ги пренесеме во новата година и врз нив да накалемиме нови содржини кои ќе ни го направат животот поубав и вреден за живеење. Мудроста, зрелоста, одмереноста, хуманоста, милосрдието, добрината и трудољубивоста треба да бидат нештата кои ќе не водат напред во годината која ни доаѓа. На тој начин ќе го сочуваме тоа што го имаме и ќе го добиеме тоа што го немаме.
Новата година донесува нови предизвици, нови шанси, нови можности, нови перспективи и свртување нови страници од нашите животи. Нека бидат тоа страници кои ќе ги испишуваме со добри и позитивни работи кои ќе ги претворат нашите соништа во едно големо и убаво јаве. Дел од тоа убаво јаве нека биде и прогресот на општина Струмица, јаве во кое ве гледам сите вас. Во таа смисла, ви ветувам секогаш отворена врата, секогаш подадена рака и секогаш збор кој станува збор претворен во дело.
Бидете ми здрави и живи, бидете ми среќни и исполнети, бидете ми полни со љубов и спокој. Ви посакувам лична и семејна среќа, хармонија во домовите и успех на сите можни полиња. Нека 2022 година биде Ваша година, која ќе ја паметите само по добро.
СРЕЌНА НОВА ГОДИНА ДРАГИ МОИ СОГРАЃАНИ.