fbpx

Oдбележан 11 Октомври – Денот на народното востание и Денот на борецот

 Oдбележан 11 Октомври – Денот на народното востание и Денот на борецот

Денес пред Споменикот на револуцијата во струмичкиот Градски парк, во организација на Општина Струмица, беше одбележан 11 Октомври – Денот на народното востание и Денот на борецот.

За значењето и историографијата на празникот зборуваше Елена Магеровска Паликарова, членка на Советот на општина Струмица. Таа во својот говор меѓу другото истакна:

-Да бидеме будни секогаш, и во вакви ситуации од негативно внатрешно влијание, но и во миговите кога е можна закана однадвор. Но никогаш, ама баш никогаш ,не смееме да си дозволиме да градиме вечно непријателство кон оние кои некогаш ни биле непријатели. Во тој контекст на нештата селективноста е повеќе од непотребна. Мораме да покажеме подготвеност дека врз градење мостови на пријателство и соработка го градиме и патот кон стратешките цели на оваа наша македонска земја. Само така, на достоинствен и правилен начин ќе го апсолвираме минатото, само така ќе имаме и неприкосновено право на иднината. Но пред се и над се, примарно треба да ни биде конечното погребување на македонскиот синдром на самоуништување, како предуслов за вистинско обединување, а не обединување, само на зборови. На тој начин ќе си докажеме себеси, а потоа и на целиот свет, дека сме цивилизирани луѓе со позитивни и вредни белези, вредни за внимание и почит. Да му се радуваме на овој празник, и да си посакаме просперитет по мерка на нашите долгогодишни убави соништа. Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – Денот на народното востание и Денот на борецот.

По одржаниот говор и едноминутното молчење во знак на почит кон загинатите борци од Народноослободителната и антифашистичка борба на Македонија, претставници од Општина Струмица, институции и политички партии положија свежо цвеќе пред Споменикот на револуцијата, а членови на рецитаторска секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ изведоа рецитал во чест на празникот.

Share via
Copy link