fbpx

Одбележан патрониот празник на Струмица, награда за животно дело за Владо Илиевски

 Одбележан патрониот празник на Струмица, награда за животно дело за Владо Илиевски

Општина Струмица го одбележа Денот на заштитниците на градот-Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици.

Во истоимената црква се одржа света литургија на која присуствуваа градоначалникот Костадин Костадинов и неговите гости, меѓу кои беше и евроамбасадорот Дејвид Гир, членови на Советот и голем број граѓани.Одбележувањето продолжи во Центарот за култура ,,Антон Панов” каде се одржа свечената седница на Советот на општина Струмица на која за значењето на овој ден зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.

-Денес кога ни празнуваат душите и срцата во кои подигнавме храмови посветени на свештеномачениците, треба да го слушнеме Божјиот глас кој ни вели да се однесуваме и да дејствуваме согласно правилата за движење на патот кој сме го одбрале. Тоа е патот на човечноста, тоа е патот на добрината, тоа е патот на соработката, разбирањето, солидарноста, хуманоста, милосрдието и подадената рака. Тој пат не води до кантарот на кој се мерат нештата во животот. На едната страна од кантарот ќе ги препознаеме омразата, зависта, злото, нечовечноста и лагата, а на другата-љубовта, човечноста во човека, добрината и вистината, рече Костадинов.

На свечената седница традиционално беа доделени годишните награди и наградата за животно дело “Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици”.

Наградата за животно дело ја доби поранешниот македонски кошаркарски репрезентативец и интернационалец, Владо Илиевски за особен придонес во областа на спортот.

Годишната награда ја добија КУД „Браќа Минкови“ од село Куклиш за особен придонес во областа на културата и уметноста, Мирјана Бурназ Кремшовски и Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, исто така, за особен придонес во областа на културата и уметноста, Ѓорги Костов во областа на хуманоста и крводарителство, Марјан Sингаров во областа на уметноста и Иван Станоевски во областа на културата.

На евроамбасадорот Дејвид Гир, му беше доделено специјално признание за извонредната соработка и континуираната поддршка на општина Струмица.

На седницата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во државата, на Владата на Република Северна Македонија, поранешниот премиер Зоран Заев, црковни великодостојници, претставници на државни и општински институции и организации и граѓани почитувачи на Светите 15 Тивериополски свештеномаченици.

Share via
Copy link