„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Општина Богданци продолжува со прекинатиот форумски процес
По пауза од пет месеци предизвикана од епидемијата со ковид-19,Општината Богданци во соработка со УНДП, продолжува со активностите за организирање на форумите на заедницата. До март, на самиот почеток од проектот, беа организирани една сесија од форумот и една работилница, на која се развиваа предложените концепт проекти.
За 6 август е закажана втората сесија, која ќе се одржува според усвоениот протокол од страна на имплементарот, УНДП. Протоколот предвидува обемни и строги мерки на заштита на секој учесник во форумот. Тоа подразбира обезбедување на соодветен голем простор за одржување на сесијата, обезбедување на дополнителна просторија доколку има потреба некој од учесниците, задолжителна темелна дезинфекција на просторијата, додека граѓаните можат да учествуваат со маска и задолжителна дезинфекција.
Општината, како организатор, ќе ги преземе сите мерки на заштита на учесниците во форумот, така како што предвидува протоколот на УНДП, со што се гарантираат сигурни и безбедни здравствени услови за одржување на сесијата.
Втората сесија е закажана за четврток, 6 август, во 20 часот, во холот на ООУ „Петар Мусев“. Нагласуваме, дека обезбедени се сите услови според пропишаните протоколи за заштита на УНДП.
На втората форумска сесија се очекува да бидат презентирани седум концепт проекти од областа на социјална инклузија.
Предложени се овие концепт проекти:
1.Опремување и уредување на кабинети по природни науки во основите и средното училиште;
2.Уредување на спортско катче и простор за рекреација на младите;
3.Опремување на медиатеки во сите училишта и во градинката;
4.Поставување на летна сцена до Домот ка културата во Богданци;
5.Опремување на кино сала и уредување на дворот во Домот на култура во Стојаково;
- Поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација;
7.Уредување и опремување на административните простории на месните и урбаните заедници.
Овие концепт проекти произлегоа од граѓанските предлози од првата сесија, што понатаму ќе се разработуваат во проекти, за кои на четвртата сесија граѓаните ќе се одлучат кој проект или проекти треба да бидат финанасирани со фондот од 50.000 швајцарски франци, што го обезбедува Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).
За општината е важно учеството на граѓаните и нивните предлози и приоритети, што треба да бидат спроведени од страна на општината. Форумот е позната алатка за учество на граѓаните во донесување на одлуки од важност на заедницата, поради што Општината Богданци им пристапува со особено внимание.
Поради тоа, Општината упатува повик до граѓаните за учестуваат во донесувањето на одлуката што е тоа што е важно за нив да биде финансирано и реализирано.
За проектот: Форумскиот процес е дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, чија втора компонента е зајкнување преку мали грантови за приоритетни мерки на општините, избрани преку јавни консултации. Општината Богданци беше селектирана како една од деветте општини во државата, во рамките на третата фаза од овој проект на УНДП.
За форумот: Целта на форумот е зголемување на учеството на граѓаните во процесот на донесување на одлуки на локално ниво. Присутните граѓани на форумот ќе имаат можност да предлагаат и да изберат приоритетни проекти, кои ќе се финансираат од буџетниот фонд во износ од 50.000 швајцарски франци (CHF).