Костадинов: Жените се срцето на нашата заедница – основата на нашите семејства
По дваесетти пат доделен Инженерски прстен на најдобрите дипломирани инженери
По дваесетти јубилеен пат, вчеравечер, беше доделен Инженерскиот прстен на најдобрите дипломирани инженери во Македонија. Во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Инженерски прстен добија уште 12 нови дипломирани студенти. Ова признание досега го добиле 214 најдобри студенти од инженерските професии. Годинава, признанието го доделија претседателката на Инженерската институција, Христина Спасевска и претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Кристинка Радевски, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски им порача на носителите на Прстенот:
„Признанието има цел да ве мотивира да се стремите кон извонредност. Императив во животот е постојано да се надградувате, да ги унапредувате своите технички знаења и дигитални вештини, да ги ширите вашите видици. За да бидете успешни во новите комплексни, динамични и софистицирани услови креирани од дигиталната револуција, вие не можете да се потпрете само на знаењето и на технологијата. Неопходен е и нов начин на работа и за вас и за компаниите за кои ќе работите или кои можеби сами ќе ги основате. Затоа е нужно, час поскоро да се вклучите во иновациските екосистеми за многу полесно да го најдете вашето место во Индустријата 4.0. Инженерскиот прстен е потсетник за вашата обврска да не отстапувате од високите професионални и етички стандарди на струката. Инженерски еквивалент на Хипократовата заклетва е таканаречената Архимедова заклетва, што подразбира одговорно користење на знаењата и на вештините за општото добро, водејќи сметка, меѓу другото и за квалитетот на животот на луѓето и за заштита на животната средина.“
Претседателката Спасевска рече дека во годината кога се обележува јубилеј 20 години од етаблирање на признанието Инженерски прстен од страна на ИМИ, на која покасно се придружи и Комората, има можност да се направи мост меѓу минатото и иднината. Во своето обраќање таа потенцираше дека „признанието Инженерски прстен почна да се доделува на најдобрите дипломирани студенти од факултетите кои образуваат инженерски кадри за истакнување на најдобрите и промовирање на инженерството, како професија значајна за развојот на државата и општеството во целина… Денес носители на ова престижно и уникатно признание во државата но и многу подалеку, се 214 инженери кои се успешни професори и научници, но и професионалци. Следејќи го кариерниот развој на овие млади луѓе може да се потврди улогата на признанието во нивното напредување“.
Според претседателката на Комората, Радевски, инженерството, моторот на техничко-технолошкиот раст на секое општество, е замаецот што го движи човештвото напред, што се справува со сите предизвици кои што се исправаат меѓу човекот и природата. „Обврската на сите нас архитекти и инженери е да ја ставиме нашата професија во служба на безбедноста и здравјето на човекот, заштита на животната средина, но и создавање уште подобри услови за живеење. Комората, која од почетокот на оформување во континуитет во својот фокус го има инженерот, која е рамноправен член на сите значајни инженерски здруженија во регионот, Европа и пошироко, која напорно работи да одржи чекор со сите светски трендови, информатичко – технолошки и дигитални трансформаци, која на нозе ја преброди пандемиската, а сигурна сум дека така ќе биде и со актуелната економска криза, со нетрпение ве очекува драги млади добитници на ова признание“, рече Радевски.
Бојан Софрониевски, во име на сите носители на Инженерскиот прстен го цитираше Нелсон Мандела според кој „образованието е најмоќното оружје што може да го користите за да го промените светот“. Тој рече дека „образованието не е само средство за личен раст, туку и катализатор за позитивни промени на глобално ниво. Да ја прифатиме моќта на знаењето, бидејќи тоа дава моќ да обликуваме посветла иднина, да ги срушиме бариерите и да создадеме свет во кој сите имаат еднакви можности да напредуваат “.