Почина археологот Ване П. Секулов

 Почина археологот Ване П. Секулов

Со длабока тага ја известуваме јавноста дека почина нашиот драг колега, археолог Ване П. Секулов, соопштија денеска од НУ „Завод и музеј Струмица“.

Ване Секулов беше врвен професионалец, посветен археолог и човек кој со голема љубов, знаење и одговорност му пристапуваше на секој сегмент од својата работа. Неговата стручност, истражувачки дух и искрена посветеност кон заштитата и проучувањето на културното наследство оставија значаен белег во нашата установа и во стручната јавност.

Со години несебично го вложуваше своето знаење и искуство, работејќи со достоинство, трпение и голема почит кон минатото што сите заедно сме должни да го чуваме.

Дипломирал на катедрата за археологија и историја на уметност на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој беше долгогодишен истражувач на Црвено Поле и Римската терма во Банско. Долги години раководеше и беше учесник во голем број значајни археолошки истражувања во Струмица и Источниот регион на Република Македонија. Автор е на многу стручни публикации од областа на археологијата, претежно од периодот на владеењето на Римското Царство. Тој беше главен организатор на меѓународниот симпозиум по археологија. Исто така, беше иницијатор за публикување на стручниот Зборник на трудови Аcta Musei Tiberiopolitani. Активно се залагаше за промоција и конзервација на богатото културно наследство. Учесник е на голем број симпозиуми и научни конференции во земјата и странство, каде ги презентираше резултатите од неговите истражувања.

Погребот ќе биде одржан во сабота, 23 мај, во 13:00 часот на Градските гробишта во Струмица, додека телото ќе биде изложено во капелата од 11:00 часот.

Во овие тешки моменти, изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, блиските, пријателите и сите кои го познаваа и почитуваа.Некои луѓе не заминуваат целосно, затоа што дел од нив останува во делата што ги создале, во вредностите што ги пренеле и во спомените што засекогаш ќе ги чуваме.

Драг Ване, ти благодариме за сè. Нека ти е вечна славата…

Share via
Copy link