Струмица со конкретен чекор против седењето пред екрани: Стартува проектот „МАКфит“ за учениците
Струмица со конкретен чекор против седењето пред екрани: Стартува проектот „МАКфит“ за учениците

Општина Струмица започнува со реализација на проектот МАКфит, со кој ќе се следат физичката подготвеност, здравјето и спортскиот потенцијал на учениците.
Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков денеска го означи почетокот на проектот, кој се реализира во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Во првата година од проектот ќе бидат опфатени сите ученици од второ до петто одделение во основните училишта на територијата на Општина Струмица.
Преку стандардизирани тестирања и мерења ќе се следат телесниот развој, мускулната сила, моторичките способности, издржливоста и нутритивниот статус на учениците. Тестирањата ќе ги спроведува стручен тим составен од професори и студенти од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, во соработка со наставниците по физичко образование од училиштата.
Секој ученик ќе добие индивидуална картичка со резултатите од тестирањето и извештај за физичкиот фитнес, кој ќе биде достапен и за неговите родители. На овој начин ќе се овозможи подобар увид во физичката подготвеност и развојот на децата, како и навремено препознавање на нивните потреби и способности.
Градоначалникот Петар Јанков истакна дека со овој проект Општина Струмица ја потврдува својата заложба за поголема грижа за најмладите, нивното здравје и правилен развој, со конкретни активности што ќе придонесат за подобро и поздраво детство.
-Нашата цел е да ги ставиме децата во фокус, да го следиме нивниот раст, физичката подготвеност и способности, но и навреме да ги препознаеме нивните потреби и спортскиот потенцијал. Живееме во време кога децата сè повеќе време поминуваат пред компјутери, телефони и други екрани, а сè помалку се физички активни. Токму затоа сметаме дека е неопходно да преземеме конкретни чекори, да ја смениме таа слика и да поттикнеме здрави навики уште од најрана возраст.Преку проектот МАКфит, ќе добиеме реална слика за физичкиот развој на децата и можност да делуваме таму каде што е потребно , истакна градоначалникот.
Проектот ќе се реализира во период од четири години, што ќе овозможи континуирано следење на физичкиот развој на децата, навремено препознавање на нивните потреби, но и откривање и поттикнување на нивниот спортски потенцијал.