fbpx

Промоција на „Прости песни“ од Александра Спасеска во Струмица

Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ на 2 февруари 2023 година, од 18:30 часот, во просториите на Europe House Струмица организира промоцијата на стихозбирката „Прости песни“ од Александра Спасеска.

По успешната промоција на „Прости песни“ на Саемот на книга 2023, и распродадено прво издание за само 13 дена, како и одличното претставување пред домашната публика во Прилеп и пред читателската публика во Охрид и во Велес, авторката, новинарка и преведувачка Спасеска ќе ја претстави „Прости песни“ во Струмица.

Промоцијата, во организациија на Контекст-Струмица, ќе ја води Митко Гогов, а стихови ќе чита актерката Александра Стојановска.

„Благодарен сум што Европската куќа во Струмица по втор пат ги отвора вратите за дел од активностите на Контекст-Струмица, така по 15. издание на Роднокрајните поетски средби, годинава ја започнуваме со промоција на дебитантската збирка поезија ‘Прости песни’ на Александра Спасеска.

‘Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)’ на Александра Спасеска е колекција од стихотворби кои таа со доза на умереност ги споделуваше со љубителите на поезијата и блогерите повеќе од една декада, а јас уште од самите почетоци ја мотивирав да ги собере и стави во една книга. Конечно 2023 година Александра ја создаде оваа колекција поетско небо и укоричена ја сподели со заинтересираните читатели. Станува збор за сериозен автор со зрел стил на изразување, кратка и симплифицирано во формата на зборокреација, ‘Прости песни’ наиде на огромен интерес и прием кај поетољупците. По излегувањето од печат на второто издание и по неколку промоции во државата, среќни сме што оваа стихозбирка ќе биде претставена пред струмичката публика.

Александра е позната на Струмица по учеството како поетеса, но и како преведувачка/ препејувачка на Меѓународниот поетска манифестација ‘100 Илјади поети за промена’ и тоа во неколку изданија, затоа честа и задоволството да ја имаме со нас е голема. Со оваа промоција и изложбата на Страхил Петровски, насловена ‘Реминисценции’ можеме да кажеме дека ‘Контекст-Струмица’ ветува богата културна програма годинава“, рече Гогов.

Дебитантската стихозбирка на Спасеска содржи шеесетина песни поделени во три циклуса: „Писма до неа“, „Песни за неговата песна“ и „Земање збогум“, како и поговор од Снежана Стојчевска која ќе истакне: „Со оваа книга Спасеска го продолжува везот на проста и строга македонска песна, ткаена од копнеж и болка и успева да изгради музеј на болката“.

Поетесата Долорес Атанасова Лори во освртот кон книгата ќе рече дека „’Прости песни‘ во себе го носи гласот на авторката Александра Спасеска, што се јавува како на сон или во мигови на длабоко, мисловно вникнување, и нѐ води низ лавиринтите на она што е таа-жената, лавиринтите на чезнеењето по другиот, таа е гласот што ја исцртува мапата на интимни патувања во себе, длабоко во нејзиниот свет.“

Марија Велинова во „За себеосознавањето преку Другиот и преродувањето преку Смртта“ објавен во Култура ß, вели дека „… евидентна е збитоста, компактноста и елиптичноста на поетскиот израз, чинам нема песна чии стихови се подолги од половина страница. Зборовите се внимателно одбрани и ни дозволуваат да го почувствуваме поетскиот дух на Александра преку вметнувањето на архаизмите и прилепскиот дијалект.“

Вториот поетски ракопис на Спасеска, насловен „Координати на болката“, влезе во потесниот избор за наградата „Антево перо“ за 2023 година и се закити со признанието „Антев златник“. Нејзината поезија се најде и во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска, што беше промовирана на 35. Поетска ноќ во Велестово.

Александра Спасеска е родена на 23 јули, 1984 година во Кавадарци. Основно и средно образование завршува во Прилеп, а од запишувањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2003 година, живее и работи во Скопје.

_______________________
Дизајн: Борјан Исајловски

Share via
Copy link