Синоќа се одржа свечена академија по повод 24 Мај – Денот на Сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

 Синоќа се одржа свечена академија по повод 24 Мај – Денот на Сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

Во организација на општина Струмица во Центарот за култура „Антон Панов“ синоќа се одржа свечена академија по повод 24 Мај – Денот на Сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. За значењето на на празникот зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.

-Да им оддадеме почит на оние кои ни го дадоа најмоќното оружје – словото, писменоста, темелот на нашата култура и идентитет – Светите браќа Кирил и Методиј. Нивното дело не е само запис во историските книги. Нивното дело е жив пламен што гори во срцата на сите Словени, пламен што го осветлува нашиот пат низ вековите. Тие не беа само просветители, тие беа визионери. Тие беа борци кои со силата на умот и духот ги урнаа бариерите на незнаењето и ја отворија вратата кон напредокот. Нивната мисија беше света, нивната посветеност – апсолутна, нивниот триумф – вечен, рече градоначалникот Костадинов.

Честитајќи им го празникот на просветните работници тој рече дека тие во извршувањето на нивната благородна и одговорна професија, секогаш ќе ја имаат неговата поддршка преку создавање на квалитетни услови за изведување на воспитно – образовниот процес во училиштата и градинките.

На вечерашната свечена академија беа доделени наградите за најдобрите наставници и стручни соработници во училиштата, како и за воспитувач и негувател во градинките, за исклучителни резултати во работата и афирмацијата на училиштето или градинката, а кои се доделуваат секоја година во чест на Денот на Сесловенските просветители.

Фото: Општина Струмица

Share via
Copy link