fbpx

Со „Еразмус Плус“ програмата до поедуцирани и поинфирмирани млади и поотворени општества

 Со „Еразмус Плус“ програмата до поедуцирани и поинфирмирани млади и поотворени општества

Никол Клесова има 23 години и огромно искуство со учество на Еразмус размени и проекти. Почнала уште како млада средношколка, поттикната од искуствата на блиски луѓе, а продолжила поради сетоа тоа што Еразмус го преставува: искуства, нови знаења, градење мостови и пријателства, трајни контакти и разбирање со младите од цела Европа и пошироко.

„За Еразмус Плус програмата првпат дознав пред неколку години, на мои 16г. преку пријатели и преку социјалните мрежи. Моето прво Еразмус искуство беше некаде во 2017 година, во Турција, во гратчето Кајсери каде што учествував на младинска размена на темата спорт“, вели Никол.

Седум години подоцна, Никол е младински работник и мотивира и други млади луѓе да бидат дел од овие размени. Вели дека сето позитивно искуство што таа го имала, сака да им го пренесе и на другите млади луѓе од локалната заедница, но и пошироко.

„Еразмус програмата им дава можност на млади личности од цела Европа, без разлика од каде доаѓаат, да се зближат, да се сплотат, да работат за една цел. Секој Еразмус Плус проект се одржува во различна држава, на различно место, на поинаква тема. Мислам дека таа различност е важна, јас на пример досега сум запознала многу луѓе од различни земји со кои сѐ уште имам контакти. Ако не беа овие Еразмус Плус проекти немаше да запознаам луѓе од толку различни култури и да стекнам пријатели за цел живот“, додава Никол.

Смета дека Еразмус Плус ѝ дал сосема нова насока на нејзиниот живот.

„ Досега имам учествувано на повеќе Еразмус Плус проекти, над десетина. Секое Еразмус+ патување носи ново искуство. Мислам дека овие размени ме изградија како личност, да имам разбирање и емпатија кон другиот, да ги почитувам сите вери и нации, сите луѓе, да го проширам видикот. Ми помогна да ги запзонаам различните култури, да ги разбијам предрасудите и стереотипите што сум ги имала за некои држави“, вели Никол за своето Еразмус Плус искуство.

Сега Никол е активна во граѓанската организација „Новус“, каде членува и нејзината повозрасна сестра Ана. Заедно се насочени Еразмус Плус да биде поприсутен во општеството и меѓу младите луѓе. Организацијата веќе три години е дел од  Еразмус Плус проектите и веќе увиделе дека има многу придобивки и за нив како мала организација, но и за заедницата.

„ Ќе почнам од придобивките за заедницата, бидејќи мотото на Еразмус е поврзано токму со тоа. Без разлика дали станува збор за учесници граѓански организации, индивидуалци, училишта градински, универзитети, размена на студенти, на прфоесори, тренинзи за дообразование итн, придобивките за заедницата се огромни. Јас тука би искоментирала дека ние како држава, како организација, не сме доволно запознаени со сите можности што ги нуди Еразмус Плус програмата за заедницата. Би повторила дека се огромни придобивките како за заедницата, така и за индивидуалците кои учествуваат во Еразмус Плус програмите.Огромен е бенефитот и за организацииите. Зборувам пред сѐ од аспект на размена на искуства, на добри практики за работа, еве Новус како организација која спорведува младински политики успеа да најде нови методи за работа на програмите што ги работиме, да стекнеме интернационални партнери, да се стекнеме со знаења, методи и експертиза која не би ја имале ако не сме биле учесници и носители на некои Еразмус Плус проекти“, вели Ана Клесова-Велковска.

Според Ана потребен е поголем напор од сите општествени чинители за максимално искористување на ресурсите и можностите што ги нуди Еразмус.

„ Апсолутно дека е потребен посериозен пристап на државата, а особено на образовните институции за Еразмус Плус програмите и проектите, бидејќи како што споменав Еразмус + не е само за организации или за индивидуалци. Имаме програми за размена на студенти, размена на средношколци, размена на професори, размена на универзитетски професори, потоа на деца од градинка, така што потребна е пред сѐ поголема промоција на овие програми, тука Националната агенција за европски образовни програми и мобилност постојано укажува на тоа дека недоволно организации и поединци ги користат можностите што ги нуди Еразмус преку своите програми. А и во круговите на организациите познато е дека како држава не ги искористуваме средствата што Брисел ги нуди а се предвидени за програмите Еразмус за нашата држава. Секоја година за жал фондот на средствата што ги одделува Брисел се намалува бидејќи немаме механизам, немаме доволно човечки ресурси кои успешно би менаџирале и би работеле со Еразмус + програмите. Тоа е еден голем проблем на кој мора да се работи, да се стекнат капацитети кај луѓето, кај институциите и организациите,  за подобра работа со овие програми, за да може средствата што ги одделува Брисел да бидат квалитетно искористени, но и да може да се користат уште повеќе средства“, додава Клесова-Велковска.

И основните и средните училишта од Општина Струмица веќе имаат значајни искуства од Еразмус Плус програмата. Трите средни училишта велат дека овие програми им дале поинаква перспектива за реализација на многу наставни и воннаставни активности, ги продлабочиле знаењата и искуствата на професорите во многу области, а како посебна придобивка ја истакнуваат мобилноста на учениците.

Според информациите што ги добивме од средните училишта „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“ и „Никола Карев“ Еразмус Плус станува сѐ поинтересен за просветните работници, н ои за учениците. Велат дека се обидуваат да создадат поттикнувачка атмосфера за што поголем број професори да се вклучат и да се пријават за вакви програми. На годишно ниво овие училишта  реализираат по неколку Еразмус Плус проекти кои вклучуваат тренизни за прфоесори, но и размена на ученици.

Од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност велат дека учениците и наставниците од Македонија имаат одлични можности за мобилност и вмрежување со врсниците, т.е. колегите од другите земји во Европа преку Еразмус Плус програмата на Европската Унија. Тие потенцираат дека тоа е добар начин за размена на искуства, согледување на позитивни практики и нивна примена во нашата земја.

Како дел од придобивките тие ги посочуваат зголемените компетенции на младите, но и отворање на можности за формално и неформално образование.

„Еразмус Плус им нуди можност на младите луѓе да се образуваат и да напредуваат како и нивните врсници од Европската Унија. Младите треба да ги користат ваквите програми и фондови на Европската Унија за да се изградуваат во личности со способности, отворени за нови знаења и искуства“, велат од Националната агенција.

Статтистиката на Националната агенција говори дека Еразмус Плус и досега извршила големо влијание врз македонското образование. За период од шест години направени се повеќе од 1.200 договори за соработка меѓу универзитетите од Македонија со Европските универзитети, влезна мобилност од 2.354 студенти и професори, и излезна од 2.214. Овие бројки се однесуваат на периодот 2014-2020 и тоа само во високото образование.

Актуелната Еразмус Плус програма за седумгодишниот период 2021-2027 година има рекорден буџет од 28,4 милијарди евра и планира да опфати повеќе од 10 милиони учесници.

Ментор: Сузана Мицева

Млади новинари: Адем Мемедов, Данче Василевска, Љупче Иљачев, Никола Киров

Оваа сторија е дел од Проектот „Информирани Локални Заедници: Медиумска Писменост и Етичко Известување според ЕУ стандарди“, имплементиран од страна на Центар за истражување и анализи НОВУС во партнерство со Медија Флеш и е поддржан преку програмата за мали грантови на „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“ финансирана од Европската Унија.

Share via
Copy link