„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Струмица ќе аплицира за Европски главен град на младите во 2025 година
Градоначалникот Костадин Костадинов на денешната прес конференција информираше дека Општина Струмица ќе аплицира за титулата Европски главен град на младите во 2025 година што ја доделува Европскиот младински форум.
-Работиме на проекти од повеќе области и за сите целни групи, но посебно место во мојата визија за Струмица имаат младите, затоа што тие се иднината на нашата Општина. Заедно со нив ја посакуваме титулата Европски главен град на младите, што ја доделува Европскиот младински форум. Oпштина Струмица, заедно со микрорегионот, ставајќи ги на располагање сите расположливи капацитети и со поддршка на граѓанскиот сектор и државните ресурси, ќе аплицира на повикот да се стекне со оваа престижна титула во 2025 година. Ова е одлична можност во период од една година Струмица да го презентира културниот, општествениот, политичкиот и економскиот живот на младите. Преку оваа инцијатива општина Струмица има намера дополнително да ги поттикне младите луѓе да станат проактивни иницијатори на позитивни промени, внесувајќи иновативни идеи и да биде вистински град – пријател на младите луѓе. Ваква иницијатива за прв пат презема општина или регион од Република Северна Македонија и со ова докажуваме дека Струмица е секогаш прва, секогаш прогресивна и максимално ќе се вложиме за да ја ставиме Струмица на европската мапа на престолнина за младите луѓе, рече Костадинов.
Тој денеска го најави и реализирањето на тригодишниот проект „Strumica – Smart velo city” финансиран од Европската Унија кој содржи иновативно и ефективно решение за проблемите на урбаната мобилност со поттикнување на употребата на велосипедот како здрав, еколошки и економичeн начин на урбана мобилност.
-Една од целите на проектот е справување со предизвиците наметнати од брзата урбанизација и зголеменото загадување на воздухот, кое бара употреба на добри практики во областа на урбаната мобилност и заштитата на животната средина. Проектот создава велосипедска инфраструктура во Струмица и системски го воведува велосипедот како безбедно превозно средство на улиците низ градот. Содржи многу активности за изградба и обележување на градски велосипедски патеки како надоградба на постојната сообраќајна инфраструктура во должина од 10,6 километри, набавка на опрема за нивно одржување, развој на портфолио на дигитални услуги, кампања за поттикнување на користењето на велосипеди и за промена на сообраќајната култура и други активности чија што цел е создавање на одржлив и паметен вело град. Вкупната вредност на проектот е околу 750.000 евра и ќе се реализира во периодот од 2022 до 2024 година, подвлече струмичкиот градоначалник.
За зголемувањето на цената на гасот за затоплување од 80 отсто на денешната прес конференција говореше и директорот на ЈПЕД „Струмица гас“, Благој Милановиќ. Тој појасни дека цената е зголемена заради енормното покачување на цената на гасот на европските и светскиот пазар и притоа истакна дека Општината донесе одлука за субвенционирање на сметките за гас во висина од 10 денари за потрошен кубен метар и таа ќе се применува од 1 февруари, односно за сметките за месец јануари. Додаде дека неодамна и Управниот одбор на ЗЕЛС покрена иницијатива до Владата и Собранието за намалување на даночната стапка на гасот од 18 на 5 отсто.
Градоначалникот Костадинов денескаги претстави и проектите за поддршка на Старт-ап бизниси за млади и ангажирање на 16 евидентирани невработени лица за вклучување во проектот „Лични асистенти на ученици со попреченост вклучени во редовен образовен процес“.