„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Утревечер на сцена на отворено во Градскиот парк почнува 28 ФКТ „Ристо Шишков“
Дваесет и осмото издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ почнува утревечер на сцена на отворено во Градскиот парк во Струмица во 20 часот, информираше директорот на Фестивалот, Ванчо Ристов Патриков.
Во конкуренција за единствената награда за најдобро актерско остварување се актери од седум претстави од земјава. Заради пандемијата не учествуваат претстави од други земји.
Први на фестивалската сцена ќе се појават актерите од струмичкиот театар „Антон Панов“ со претставата „Умри машки“ од Алдо Николај, во режија на Кире Георгиев.
Фестивалот ќе трае до 13 септември, а планирано е да се одржи и етно-концерт насловен како „Беломорско патување“ на струмичанецот Филип Ричлиев и пријателите.
На ФКТ „Ристо Шишков“ се доделува само една награда за најдобро актерско остварување. Таа се состои од парична награда во износ од 1.500 евра, ланче и златен медалјон со ликот на бардот на македонското глумиште, Ристо Шишков.
Фестивалското жири ќе го предводи минатогодишниот лауреат, хрватскиот актер Драшко Зидар, кој онлајн ќе ги следи изведбите на претставите.
Фото: архива од ланското доделување на наградите на ФКТ „Ристо Шишков“