fbpx

Заев: На Филипче и Хасани им ја давам довербата да продолжат да го водат здравствениот систем

 Заев: На Филипче и Хасани им ја давам довербата да продолжат да го водат здравствениот систем

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во изјава за медиумите денеска го соопшти ставот за понудените оставки на министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот за здравство Илир Хасани откако во Основното јавно обвинителство Тетово беше доставен Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната КОВИД болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.

Во продолжение на ова соопштение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Заев во целост:

“Внимателно ги прочитав наодите на истражителите за причините на несреќата во тетовската модуларна болница. Како што е јавно соопштено, со стручните наоди на вештачењето е утврдено дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска во приклучен кабел. Врз основа на овие и на претходно добиените информации, сакам да ја известам јавноста дека: Нема причина да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот д-р Венко Филипче и заменик-министерот за здравство д-р Илир Хасани, кои потсетувам, од морални причини поднесоа оставки кои чекаа на мојата одлука.

За евентуалните грешки причинети од човечки фактор, ќе се произнесат надлежните органи. Останувам на ставот дека нема да дозволам политизирање на трагедијата во тетовската болница. Ние политичарите и извршната власт генерално не смееме и нема да го толкуваме извештајот на вештите лица кои постапуваа по наредба на ЈОРМ. Откриена е причината за пожарот и таа е јасно и јавно објавена. Ја примив оваа информација и постапувам. Веднаш дадов насоки до Министерството за здравство во најкус можен рок да се извршат темелни теренски контроли во сите модуларни болници. Сега е најважно да се засилат контролите и проверките, за да се намали ризикот од вакви несреќи предизвикани од страни предмети во иднина, поради што за жал изгубивме 14 животи.

Не сме единствената земја во светот во која се случуваат трагедии. Романија е последен пример дека тешката деноноќна борба со пандемијата ги прави јавно здравствените системи поранливи од мирнодобските периоди.

Ни се случи страшна трагедија и нема бегање од тоа. Изразувам уште еднаш сочувство до семејствата на загинатите. Болката и тагата е присутна кај целата наша нација, кај сите граѓани.

Наша должност пред сѐ како луѓе, после како политичари, да не им ја правиме огромната загуба на семејствата на трагично загинатите, уште потешка и да обезбедиме функционирање на системот на здравствена заштита. На македонското здравство, на сите граѓани им е потребен систем кој соодветно ќе одговори и ќе ги заштити во време на пандемија. Затоа треба да гледаме и подалеку од денес и подалеку од утре. Уверен сум дека Филипче и Хасани направија и професионални и лични ангажмани за македонското здравство и спасија илјадници човечки животи и затоа им ја давам довербата да продолжат да го водат здравствениот систем.”

Share via
Copy link