„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
35 ГОДИНИ ДОМ НА КУЛТУРАТА ВО СТРУМИЦА
Домот на културата одигра забележителна улога во зачувувањето на традиционалните вредности од регионот на Струмица и Струмичко и во исто време овозможи надградување на традиционалната култура како и развој на современите форми во културата.
Вредностите во културата, обичаите и фолклорот, материјалното и нематеријалното наследство, модерните, односно современите движења и тенденции беа во фокусот на програмските проекти и активности на оваа институција.
Точно на 1 мај 2021, се навршуваат 35 години од свеченото пуштање во употреба на објектот Спомен-дом на културата ,,Благој Јанков Мучето“ и, нормално, формирањето на организацијата која раководеше со него. По дваесетина години се формира нова организација: Национална установа – Центар за култура, која го доби името Антон Панов, а организацијата во Домот на културата влезе во нејзиниот состав заедно со Народниот театар и Ликовната галерија.
Десетина години пред тој настан (пред пуштањето во употреба на објектот), Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија, по повод 25-годишнината од АСНОМ донесе одлука за изградба на 25 спомен-домови на културата низ републиката. Вредните струмичани формирале Иницијативен одбор за изградба на Дом на културата, кој ќе биде потврда на можностите за реализација на еден ваков капитален објект. Желбата била огромна, а проблемите решливи.
По кратко време Општина Струмица донесува одлука за спроведување местен самопридонес за обезбедување средства за негова изградба. Секој вработен граѓанин, за таа намена одвојувал по 0,1 процент секој месец од својот личен доход (неколку години).
Овој фантастичен проект беше огледало на добро организираниот општествено-политички систем, големиот степен на вработеност на граѓаните на Струмица и, секако, вербата дека ваквите проекти се реални и можни за реализација.
Оние, пак, кои имаа привилегија да бидат вработени во овој храм, требаше само да ја оформат неговата физиономија, да го организираат и да работат во функција и добробит на граѓаните, на уметноста, да го потпомагаат развојот на културата во општеството.
Главниот предизвик пред вработените и надворешните соработници беше осмислувањето на добра организациона поставеност која ќе овозможи реализација на што поквалитетни програми и вклучување на што поголем број луѓе.
Годинава, одбележувајки го јубилејот, со задоволство можеме да констатираме дека целта е постигната и дека струмичани ги собираат плодовите на својата добро обмислена инвестиција. И возрасните, но и нивните деца најдоа содржини кои им беа корисни, се забавуваа, надоградуваа, се воспитуваа и уживаа во понуденото.
На стотина меѓународни манифестации ги презентираа своите културни специфики, во земји како Кина, Шпанија, Украина, Германија, Ирска, Бугарија, Русија, Хрватска, Србија, Америка. И уште повеќе, уметници од тие земји прошетаа низ Струмица и се запознаа со нашиот град и неговите жители.
Наши уметници, пак, и членови на наши ансамбли ја презентираа нашата култура во десетици европски земји и зборуваа за нашата традиција. Голем дел од нашата култура: музика, изложби на фотографии, литература, документи, беа видени од странската публика.
Тогашниот Дом на културата ,,Благој Јанков Мучето“ иницира неколку поголеми проекти кои и денес опстојуваат: Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, Фестивалот на Источно-црковно (византиско) пеење, манифестацијата „Вечер на староградски песни и серенади“, Меѓународниот фестивал на афоризми и карикатура и други проекти. Се разбира, сите тие, денес, егзистираат како составен дел од програмите на НУЦК ,,Антон Панов“ – Струмица. Во низата успешни проекти влегуваат: детскиот хор ,,Деница“, КУД „Боро Џони“, Староградскиот ансамбл, Школата за кавал, Драмското детско студио, Младинската сцена и др. Литературната активност на оваа институција подразбира гостувања, промоции, книжевни вечери, омажи на истакнати автори, литературни читања на скоро сите македонски прозаисти и поети, а пред некоја година ја започнавме и манифестацијата „Денови со Митко Маџунков“, која ја ставивме во мирување поради пандемијата.
Домот на културата беше ширум отворен за претставување и афирмирање на струмичките творци, посебно во делот на сериозната музика. Се организираше самостоен концерт на секој завршен студент на Музичката академија, секако и на струмичанецот по мајка, Симон Трпчевски.
Во делот на културно-забавниот живот за најмладите за потсетување е функционирањето на диско-клубот со капацитет од 1500 посетители. Тој опстојуваше околу шест години, од 1987 до 1993 година. Во еден од официјалните извештаи на МВР Струмица беше напишано: ,,Како резултат на масовното собирање на младите на едно место и водењето грижа за нивната безбедност, деликвенцијата кај младите е намалена за цели 60 проценти“.
НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ ЈУБИЛЕЈОТ!
(Автор на текстот: Киро Козаров, прв директор по основањето на Домот на културата во Струмица во 1986 година)