fbpx

Пописот трае до 30 септември и никој нема да биде пропуштен или изоставен од овој процес

 Пописот трае до 30 септември и никој нема да биде пропуштен или изоставен од овој процес

„Влегуваме во последната фаза од пописните активности на терен во која се привршуваат сите активности, што се спроведуваа во последните 20 дена. Апелираме до граѓаните да бидат трпеливи. Пописот трае до 30 септември и уверуваме дека никој нема да биде пропуштен или изоставен од овој процес. Токму од овие причини, Државниот завод за статистика ќе им овозможи на сите оние граѓани, кои по кој и да е основ не успеале да остварат контакт со попишувачот, кој поминал во нивниот пописен круг, но не ги нашол, да можат да се попишат на одредени локации во својата општина“, беше истакнато на тематската прес-конференција на портпарол на Владата на Република Северна Македонија Муамет Хоџа, која ја одржа заедно со Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика.

Претставничката на ДЗС Ѓоргиева посочи дека попладнево на веб-страницата popis2021.stat.gov.mk ќе бидат објавени локациите во сите општини каде што граѓаните ќе можат да појдат и да се попишат.

Ѓоргиева нагласи дека ова се однесува на граѓаните кај кои попишувачот поминал, но сепак успеал да оствари контакт. Таа повика граѓаните да бидат трпеливи, бидејќи пописот трае до 30 септември, попишувачите работат интензивно на терен и некои граѓани ќе бидат посетени и на последниот ден. Таа изрази уверување дека никој нема да биде пропуштен или изоставен од овој огромен статистички процес, бидејќи целта на Пописот е целосен опфат на сите граѓани кои во моментов живеат во Република Северна Македонија.

Ѓоргиева од името на Државниот завод за статистика се заблагодари на граѓаните за огромната соработка и поддршка на овој процес, при што изрази задоволство од фактот што граѓаните го сфатија значењето на Пописот како статистичка операција која е од интерес за развојот на државата и за сите нас.

Портпаролот на Владата Хоџа информираше дека заклучно до денеска во 12:00 часот попишани се вкупно  1.395.000 граѓани, над 435.000 домаќинства и над 600.000 станови, како и дека се самопопишани 195.477 граѓани од дијаспората.

„Од името на Владата сакам да се заблагодарам до сите граѓани, кои веќе ја исполнија оваа граѓански должност и апелирам до останатите во земјава и до сите во дијаспората кои досега не се попишани, да го сторат истото. Податоците од Пописот на населението, становите и домаќинствата во иднина ќе ни помогне за долгорочно планирање на политиките, реформите и проектите од значаен интерес за државата и граѓаните“, истакна портпаролот Хоџа.

Share via
Copy link