„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Костадинов ги презентираше позитивните практики на Струмица на Регионалната конференција во Тирана
Регионалната конференција на тема “Безбедни. Зелени. Решенија за паметни градови: Ризик и можности за Западен Балкан“, на иницијатива на Американската Администрација поддржана од “AmCham” Албанија и Американската Амбасада, а во чии рамки учествуваше и градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, заврши денес.
Во Тирана, Албанија, како дел од конференцијата, на едно место беа обединети претставници на водечки технолошки компании и Градоначалници од Западен Балкан, кои дискутираа на теми од областа на енергетиката, екологијата, урбаниот развој, дигитализацијата, можностите за финансирање на капитални проекти и воспоставување на соработка помеѓу „паметните“ градови.
Во вториот ден од конференцијата, како дел од дискусијата на тема „Добри практики: Време за Урбан Развој преку Зелени Инвестиции“, присутните имаа можност да ја проследат презентацијата на градоначалникот на Општина Струмица, во чии рамки беа опфатени проектот „Струмица – Паметен Вело Град“ и проектите и активностите кои оваа општина ги спроведува од областа на енергетската ефикасност.
Со реализацијата на конференцијата и размена на искуствата на авторитетите од државите и претставниците на приватниот сектор, се дискутираше за можностите и потенцијалите за развој на градовите од регионот како “паметни градови“, преку имплементација на иновативни решенија од различни области, а сѐ со цел зголемена имплементација на безбедни, зелени паметни решенија и унапредување на квалитетот на живеење.