Пожарот кај Смолари синоќа се приближил до црквата „Св.Петар и Павле“
-Синоќа повторно дојде до разгорување на пожарот на планината Беласица во близина на село Смолари, при што истиот интензивно се приближи кон црквата „Св.Петар и Павле“, информираат денеска од ТППЕ Струмица.
Пожарникарите ведна реагирале по првите повици од жителите на село Смолари испраќајки екипа од пожарникари-спасители кои и покрај тешко пристапниот терен успеле да дојдат до фронталната линија на пожарот и да го спречат неговото движење во тој правец.
-Ширењето на овој пожар и покрај ниските температури е непредвидливо поради специфичноста на конфигурацијата на теренот и огромната количина на горлив материјал на тлото ,висок слој на лисната маса која придонесува да се развиват доста високи температури и пожарот од приземен го развива кон крошните на дрвјата и како таков добива на интензитет, се наведува во информацијата од ТППЕ Струмица.
За активниот повеќедневен шумски пожар на Беласица, Регионалниот ЦУК Струмица известува дека е локализиран, но дека се уште има внатрешно горење на одредени места.
-Пожарот започна на 10.11.2024 година во подножјето планината Беласица помеѓу селата Смолари и Мокрино (Општина Ново Село). Во текот на вчерашниот ден интервенирале 25 лица од ЈП „Национални шуми“ подружница „Беласица“ – Струмица, со 4 теренски возила. Екипите се повлекле од терен во текот на вечерните часови, а останале 4 лица заради контрола. Во текот на ноќта, на терен заминала и ТППЕ Струмица со 5 пожарникари и 2 ПП возила. Врз пожарот се уште се дејствува, согласно можностите за превенција против негово ширење до негово целосно гаснење, стои во информацијата од ЦУК.