Директорот Ѓоргиев ја презентираше годишната програма на НУ„Завод и музеј“ Струмица

 Директорот Ѓоргиев ја презентираше годишната програма на НУ„Завод и музеј“ Струмица

-Вкупниот буџет за програмските активности на музејската дејност како и на секторот за заштита и конзервација на недвижното културно наследство  финансиран од страна на Министерството за култура и туризам, изнесува 6.490.000 денари. Тоа значи дека вкупниот буџет на нашата институција за реализација на програмските активности во музејската дејност и во секторот заштита, во однос на минатата година, е зголемен за 2.090.000,00 денари, истакна директорот на „Завод и музеј“ Струмица, Бранко Ѓоргиев на денешната прес конференција.

Додаде дека дополнително, за капиталните проекти, како што се  проектите за Стариот театар во Струмица, црквата „Св. Кирил и Методиј“, како и зафатите кои треба да се реализираат во манастирскиот комплекс во с. Водоча, од страна на министерството за култура, исто така, е издвоено вкупно 212.200.000 денари.

-Во таа смисла, констатираме и истакнуваме дека утврдените финасиски средства за реализација на нашите програмски активности кои што се од национален интерес, ќе овозможат стекнување нови сознанија, како и промоција, презентација и заштита на културноисториското наследство создавано во континуитет, низ сите историски епохи, на почвата на Струмица и Струмичко и во Југосточна Македонија, пошироко, подвлече Ѓоргиев.

Во рамките на музејската дејност се одобрени 21 проект, покриени со финансиски средства во висина од 2.940.000 денари. Вкупно утврдениот буџет во музејскатата дејност за 2025 година претставува, досега, еден од највисоките буџети, ако не и највисок, – според износот на финансиските средства, со кои ќе располага нашата институција за реализација на програмските активности во овој вителен сектор од нашата дејност.

Горгиев ги издвои следниве проекти од музејска дејност одобрени за 2025 година.Реализација на проект за осовременување, реконцепција и напосредна заштита на Меморијалниот музеј посветен на народниот херој Благој Јанков-Мучето, Каталог на монети од XIV до XX век, Систематски археолошки истражувања на неолитската населба „Орниче“ кај с. Костурино, Млади археолози – едукативни работилници, Изложба: Средновековните тврдини во Југоисточниот регион на Република Македонија (11-14 век), Етнолошки белешки –печатено издание ,Народната облека и накит опеани во македонската поезија – работилница за деца и други.

Во дејноста – заштита на недвижно културно наследство годинава ќе се реализираат 14 проекти за кои е утврден буџет во висина од 3.050.000 денари. Од нив, 4 проекти се однесуваат на изработка на основни конзерваторки проекти на движно и недвижно културно наследство, меѓу нив и изработка на основен проект за пет објекти од централното и југоисточното плато на локалитетот „Цареви Кули“, изработка на основен проект за конзервација и реставрација на црквата „Св. Атанасиј“ во с. Габрово, кај Гевгелија и др., понатаму, три проекти за непосредна заштита и тоа: конзерваторско-реставраторски работи на споменучната целина Бања Банско, кај с. Банско, Струмичко, конзервација и реставрација со археолошко доистражување на подните мозаици од археолошкиот локалитет „Мачук“ во Струмица, конзервација и реставрација на Одбранбената кула – Пирг кај с. Мокриево, општина Ново Село и др.

Натаму следуваат, заштитни археолошки истражувања на локалитетот Св. 40 севастиски маченици, кај с. Банско, Струмичко, заштитни археолошки истражувања на езерската наколна населба „Мрдаја“ во Дојран, како и два проекти за изработка на документација на културното наследство, еден проект за популаризација на културното наследство, еден меѓународен симпозиум, 5 публикации и сл.

-Овде, на оваа прес-конференција, би сакал да ги издвојам капиталните проекти кои се однесуваат на реализација на основен конзерваторки проект на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица. За реализацијата на овој проект  се одобрени 15.000.000 денари. Понатаму следува: реализацијата на основен конзерваторки проект за санација на кровот на манастирот „Св. Леонтиј“ во с. Водоча со буџет во висина од 1.200.000 денари како  и довршувањето на проектот „Стар струмички театар“ за кого се предвидени над 196.000.000 денари. Исто така сакам да го искористам вашето присуство и да ве информирам дека во партнерство со музејот од град Кукуш, Грција аплициравме во интерег -програмата на Европската Унија за 2021-2027 година за изработка на кровна конструкција на античкото термално лекувалиште во с. Банско. Проектот е одобрен и за негова реализација се издвоени 25.830.000 денари. Напоменуваме дека ова се повеќе годишни проекти и тие се од големо значење за заштитата на нашето културноисториско наследство и богатство, рече на крајот од денешната прес конференција директорот Ѓоргиев.

Share via
Copy link