Во сабота почнува увидот во Избирачкиот список за локалните избори
Во сабота почнува увидот во Избирачкиот список за локалните избори
Државната изборна комисија (ДИК) ги известува граѓаните на Република Северна Македонија дека во пресрет на Локалните избори, закажани за 19 октомври 2025 година, ќе се спроведе јавен увид во Избирачкиот список.
Јавниот увид ќе започне во сабота, 23 август 2025 година, и ќе трае 20 дена, заклучно со 11 септември 2025 година на полноќ.
Во овој период, ги повикуваме сите граѓани да го проверат точното запишување на своите податоци во Избирачкиот список и да го остварат своето право да побараат запишување, дополнување или бришење на податоци.
Како може да се изврши увид и да се поднесе барање?
- Лично: Граѓаните можат да поднесат писмено барање во подрачните одделенија и месните канцеларии на ДИК, според местото на живеење.
- Електронски: Барањата може да се поднесат и преку електронска пошта до ДИК.
При поднесување на барањето, задолжително е да се приложат потребните докази за основаноста на барањето.
Постапка за одлучување и правна заштита:
Државната изборна комисија е должна да донесе решение во рок од 24 часа од приемот на барањето. Доколку граѓанинот добие негативно решение, има право во рок од 24 часа да поднесе тужба по електронски пат до Управниот суд, кој исто така одлучува во рок од 24 часа.
Правото на увид и измена на податоците е овозможено и за лицата кои се наоѓаат во притвор или на издржување затворска казна, кои своите барања ги поднесуваат преку управата на казнено-поправната установа.
Точниот и ажуриран Избирачки список е клучен предуслов за спроведување на фер и демократски избори. Затоа, ДИК апелира до сите граѓани да ја искористат оваа можност и активно да се вклучат во процесот на проверка на податоците. Вашето учество е од суштинско значење за остварување на вашето гласачко право.