Интервју со Виктор Петков, носител на листата на „Искуство за успех“: Имаме јасна визија за развој на Гевгелија
Во пресрет на локалните избори закажани за наредната недела, разговаравме со кандидатот за член на Советот на Општина Гевгелија, Виктор Петков, носител на листата на коалицијата „Искуство за успех“, кој подолу ја претставува својата визија за развој на градот и проектите што ќе бидат во фокус во следниот советнички мандат.
1. Која е вашата главна визија за работата во Советот и кои проблеми во вашата општина ги сметате за најитни?
Мојата визија за работата во Советот на пштина Гевгелија се темели на одговорност, транспарентност и вистинска посветеност кон граѓаните. Гевгелија има огромен потенцијал, од природните ресурси до вредните и чесни луѓе и крајно време е тој потенцијал да се насочи кон реален локален развој.
Во мојот мандат ќе се залагам за неколку клучни проекти:
– Проект за одговорност и отчетност, со јасни механизми за следење на секоја донесена одлука и трошење на јавните пари.
– Антикорупциски проект, кој ќе воведе транспарентни постапки при јавните набавки и доделувањето на концесии.
– Проект за финансиска консолидација и транспарентност, со јавно достапни буџетски извештаи и можност граѓаните да предлагаат приоритети.
– Изводливи и реални проекти – нема повеќе празни ветувања, туку решенија кои што може да се реализираат во мандат од четири години.
– Поврзување со природата, реката Вардар и планината Кожув, преку развој на еко-туризам, пешачки и велосипедски патеки, како и ревитализација на јавните зелени површини.
– Инфраструктурни проекти што ќе го следат растот на градот – уредени улици, подобрено осветлување, систем за одведување на атмосферски води и модерна урбана средина што ќе расте заедно со граѓаните.
2. Советот е колективно тело – како гледате на соработката со колегите од другите партии и со градоначалникот?
Советот мора да биде место каде што ќе преовладува разумот, почитта и заедничката работа, а не да биде арена за партиски пресметки. Верувам дека Гевгелија може да напредува само ако сите советници, без разлика од која партија доаѓаат, работат заедно во интерес на граѓаните.
Кој и да го добие мандатот за градоначалник, по изборите треба да покаже дека е натпартиска и граѓанска личност. Нашата задача е да донесуваме одлуки кои ќе го подобрат секојдневието на луѓето – без поделби, со отворен дијалог и взаемна поддршка.
3. Што е она што ве издвојува Вас од останатите советници?
Она што ме издвојува е практичното искуство, чесноста и резултатите зад мене. Во поранешната СФРЈ со години работев во големи општествени компании, потоа во првите приватни фирми по осамостојувањето и веќе извесен период сум извршен директор на производна компанија од областа на земјоделството – фирма што извезува и успешно функционира уште од 1991 година.
Тоа искуство ме научи колку се важни дисциплината, одговорноста и економската реалност. Во Советот ќе го пренесам тоа знаење со цел попродуктивна, почесна и поефикасна локална самоуправа во служба на сите граѓани на Гевгелија.