ВМРО-ДПМНЕ со убедливи победи во Босилово, Ново Село и Василево – Манчев, Божинов и Андонов остануваат градоначалници

 ВМРО-ДПМНЕ со убедливи победи во Босилово, Ново Село и Василево – Манчев, Божинов и Андонов остануваат градоначалници

Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници во општините Босилово, Ново Село и Василево обезбедија убедливи победи уште во првиот изборен круг од вчерашните Локални избори. Актуелните градоначалници Ристо Манчев и Славе Андонов ја задржаа довербата на граѓаните, додека Ѓорѓе Божинов ќе биде нов градоначалник на Ново Село.

Во Општина Босилово, актуелниот градоначалник Ристо Манчев го продолжи својот мандат со освоени 4.478 гласови, што е за 2.778 гласови повеќе од неговата противкандидатка од СДСМ, Мариче Кармазичева, која доби поддршка од 1.700 гласачи. Доминацијата на ВМРО-ДПМНЕ се отсликува и во Советот на општината, каде партијата освои 11 мандати, наспроти 4-те на СДСМ.

Слична беше сликата и во Општина Василево, каде Славе Андонов обезбеди уште еден мандат со освоени 4.308 гласови. Неговиот противкандидат од СДСМ, Ванчо Новоселски, освои 1.233 гласа. „Довербата што ми ја дадовте е огромна и претставува признание за сработеното, но и обврска да продолжиме уште поенергично да работиме во интерес на граѓаните“, напиша Андонов по прогласувањето на победата. И во василевскиот Совет, ВМРО-ДПМНЕ ќе има апсолутно мнозинство со 11 советници, СДСМ ќе има тројца, а еден мандат освои и ЗНАМ.

Во Општина Ново Село, нов градоначалник ќе биде Ѓорѓе Божинов од ВМРО-ДПМНЕ, кој победи со 2.925 гласа, односно 1.080 гласови повеќе од Петар Спасов од СДСМ, кој освои 1.845 гласови. „Ова е победа на народот, за вашите проекти. Ова е новото време што продолжуваме да го градиме“, изјави Божинов по победата. Во новиот состав на Советот на Општина Ново Село, кој брои 11 члена, ВМРО-ДПМНЕ освои 7 мандати, СДСМ 3, а еден советнички мандат обезбеди и независниот кандидат Давид Златанов.

Share via
Copy link