„Севап Мерит“ со „Магелан“ ќе плови на Карневалот

 „Севап Мерит“ со „Магелан“ ќе плови на Карневалот

Здружението „Севап Мерит“ продолжува да патува на Струмичкиот карневал. По низата успешни маски од минатите карневали, годинава оваа вредна група на Карневалот ќе плови со маската „Магелан под Царевите кули“.

Како што не информираше Соња Цицимова од оваа карневалска група, која постои од 2016 година, изборот на годинашната маска го задржува трендот од претходните-да бидат интересни и поучни, рачно изработени и со нив достојно го претставуваат Струмичкиот карневал и во странство.

-Самото име на маската навестува дека станува збор за експедицијата со која Магелан го обиколил светот и докажал дека земјата е тркалезна. Нашата инспирација да го одбереме Магелан не е случајна, бидејќи пронајдовме една врска меѓу неговото храбро патување и Карневалот, како што сите се плашиме од нешто непознато и зато одбравме да го славиме патот на откритијата. Како што Магелан успеал да го обедини светот откривајќи го непознатото, така и Карневалот ги обединува луѓето со иста страст, со креативност и добра мисла за дружење и забава, вели Цицимова.

Маската не е само облека, туку претставува еден вид подвижен музеј затоа што костимите со сите детали кои ги има претставува едно пренесување на историјата на улица преку карневалска игра и креативност.

-Пораката која сакаме да ја испратиме преку нашата маска е дека Магелан со добра визија и упорност „секој“ непознат океан може да се премине, објаснува Цицимова.

Открива дека маската содржи еден огромен глобус, но тука се и Царевите кули. На здолништата имаат стари мапи, поаѓањето на Магелан со пет бродови и целото патешествие на Магелан.

Покрај со „Магелан“ Соња подготвува и маска за Детскиот карневал, преку која искрено се надева дека и кај нив, како и на повеќе претходни генерации, ќе ја вгради љубовта за негување на традицијата на Струмичкиот карневал.

Инаку,маската „Магелан“ се изработува на две локации, односно на едно место се мажите кои се задолжени за потешкиот дел од работата, а жените ги работат украсувањата на облеката. (В.П.)

Фото: Севап Мерит

Share via
Copy link