Брера Струмица против Скопје ќе го брани прволигашкиот статус во претстојниот бараж

Четири фудбалски екипи на 31 мај ќе ги одиграат бараж-натпреварите за пополнување на последните две места во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) за следната сезона.
Прволигашите Брера Струмица и Пелистер од Битола ќе се обидат да го задржат статусот во елитното друштво, додека второлигашите Скопје и Шкендија Арачиново ќе се борат за промоција во највисокиот ранг на натпреварување.
Екипата на Брера Струмица за противник ќе го има тимот на Скопје, кој сезоната ја заврши како второпласиран во Втората лига. Натпреварот во кој струмичани ќе играат за опстанок, а скопјани за враќање во елитата, ќе се одигра на стадионот во Битола.
Во втората бараж-пресметка, битолски Пелистер ќе игра против Шкендија Арачиново. Средбата е закажана на стадионот во Кавадарци, каде битолчани ќе бранат прволигашки статус, додека амбициозниот второлигаш ќе атакува на историски пласман меѓу најдобрите македонски клубови.
Двата натпревари ќе се одиграат в петок, со почеток во 16:30 часот.