Успешно заврши Академијата за финансиска писменост за млади во организација на НОВУС

 Успешно заврши Академијата за финансиска писменост за млади во организација на НОВУС

Центарот за истражување и анализи НОВУС успешно ја заокружи четиридневната Академија за финансиска писменост, наменета за едукација и зајакнување на капацитетите на младите. Настанот се реализираше во рамките на проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот“, со цел развивање одговорни финансиски навики и градење силна основа за разбирање на личните и јавните финансии.

Преку интерактивен пристап, практични вежби и реални примери од секојдневието, учесниците имаа можност детално да се запознаат со клучните економски концепти. Во првиот дел од обуката, фокусот беше ставен на управувањето со личниот буџет, каде младите учеа за временската вредност на парите, опортунитетните трошоци, штедењето, задолжувањето и заштитата од ризик. Преку интегрирани модели, тие ги унапредуваа своите вештини за носење информирани одлуки кои водат кон финансиска сигурност и независност.

Покрај личните финансии, Академијата стави посебен акцент и на улогата на младите во општеството. Еден ден од програмата беше целосно посветен на управувањето со јавните финансии, транспарентноста и препознавањето на коруптивните ризици. Учесниците дискутираа за последиците од корупцијата врз секојдневниот живот и се запознаа со механизмите преку кои можат активно да придонесат за нејзино спречување и за поголема отчетност на институциите.

Според организаторите, обуката предводена од обучувачот Јован Талевски резултираше со висока мотивираност и посветеност кај учесниците. „Финансиската писменост е инвестиција што носи вредност цел живот, а стекнатите знаења ќе бидат корисна алатка во личниот и професионалниот развој на овие млади луѓе“, истакнуваат од НОВУС.

Проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас (Civica Mobilitas). Активностите се реализираат во партнерство со Центарот за развој и промоција „Промо Идеа“ и Здружението „КРУНА ПЛУС“ од Радовиш.

Share via
Copy link