Почнува реконструкцијата на улицата „5-ти Ноември“ во Струмица

 Почнува реконструкцијата на улицата „5-ти Ноември“ во Струмица

Општина Струмица започна со реализација на проектот за реконструкција на улицата „5-ти Ноември“, лоцирана во стариот урбан блок 6, со цел унапредување на комуналната инфраструктура и условите за живот на граѓаните во овој дел од градот. Градежните активности ќе се одвиваат на потегот од улицата „Славчо Стојменски“ до улицата „Ѓорги Василев“, опфаќајќи делница во должина од околу 200 метри.

Според предвидениот проект, во првата фаза акцентот е ставен на подземната инфраструктура, односно ќе се изврши целосна реконструкција на атмосферската канализација. Работите опфаќаат замена на старите канализациони цевки со нови, поставување на приклучни спојки и изградба на нови ревизиони шахти. По завршувањето на овие работи, ќе се изврши асфалтно закрпување на деловите каде што ќе се поставува канализацијата, додека целосното асфалтирање на улицата е планирано да се реализира во втората фаза од проектот.

Надлежните посочуваат дека овој инфраструктурен зафат ќе придонесе за подобро одведување на атмосферските води, особено при поројни дождови, како и за подобрување на комуналната инфраструктура и условите за безбедно и непречено движење на пешаците и возилата.

Финансиските средства за реализација на овој проект се обезбедени од Буџетот на Република Македонија преку Министерството за транспорт, а во рамките на програмата за поддршка за имплементација на Декадата и Стратегијата за Ромите.

Share via
Copy link