ТРАМП НАРЕДИ ВОЈСКАТА ДА КОРИСТИ МЕТАЛИ САМО ОД САД ИЛИ ОД ПАРТНЕРСКИ ЗЕМЈИ Ќе профитираме ли со бакарот од Иловица и со антимонот?

 ТРАМП НАРЕДИ ВОЈСКАТА ДА КОРИСТИ МЕТАЛИ САМО ОД САД ИЛИ ОД ПАРТНЕРСКИ ЗЕМЈИ Ќе профитираме ли со бакарот од Иловица и со антимонот?

Production of copper wire, cable in reels at factory. Cable factory. Close up.

Инвеститорот „Еуромакс ресоурцес“ процени дека би можеле да се извезуваат двојно, односно до 16.000 тони бакар на годишно ниво. Ваквите бројки силно би го помогнале македонскиот извоз, а со самата изградба на рудникот, која би чинела над 350 милиони евра, значителен инпут ќе има и државниот буџет.

Американската воена индустрија со почетокот на 2027 година веќе нема да смее да користи критични минерали со потекло од Русија, Иран, Северна Кореја и пред сè, од Кина. Рокот го постави претседателот Доналд Трамп во новата извршна наредба која ја објави Белата куќа. Дозволено ќе биде да се користат руди само од домашно производство или со потекло од партнерски или сојузнички земји. Ќе се проверува потеклото на металот за секоја една компонента во муницијата. Се проценува дека оваа одлука ќе влијае на растот на цените на повеќе метали на светско ниво, па се поставува прашањето дали Македонија ќе успее да профитира?

Во земјава има само четири активни рудници за металични суровини, а меѓу најкритичните минерали е бакарот, кој се експлоатира само во „Бучим-Боров дол“. Од овој рудник се извезуваат околу 8.000 тони бакар на годишно ниво. Многу поголеми средства за приходната страна на буџетот би имало ако се реализира засега единствената инвестиција во рудник за бакар, онаа во „Иловица-Штука“. Инвеститорот „Еуромакс ресоурцес“ процени дека би можеле да се извезуваат двојно, односно до 16.000 тони бакар на годишно ниво. Ваквите бројки силно би го помогнале македонскиот извоз, а со самата изградба на рудникот, која би чинела над 350 милиони евра, значителен инпут ќе има и државниот буџет.

Од останатите метали кои се исклучително важни за воената индустрија, Македонија поседува и антимон во кривопаланечко. Геолошките истражувања финансиски, со пет милиони долари, неодамна ги помогна американскиот Департмент за енергија.

Инаку, во последната извршна наредба на Трамп се наведува дека „и покрај долгогодишната забрана за употреба на чувствителни материјали набавени од геополитички противници, компаниите историски го потценувале домашното производство“.

„За да се продолжи доминацијата во ерата на обновена конкуренција меѓу големите сили, Соединетите Американски Држави мора да ги обезбедат своите синџири на снабдување, поради можна физичка, сајбер или економска субверзија. Политиките на Соединетите Американски Држави се однесуваат не само на финалната опрема што ја поседува нашата војска, туку и на критичните минерали и материјали потребни за производство, одржување и сервис на таа опрема, кои треба да се набавуваат дома или од сојузнички земји“, напиша Трамо во документот.

Клучен функционер во Пентагон вели дека тие се подготвени да соработуваат со компаниите – сè додека тие вложуваат напор да ја почитуваат наредбата.

– Во многу случаи, сметаме дека постојат и разумни решенија кои се можни да се постигнат со пријателите и сојузниците, додека ние ги зголемуваме инвестициите. Градењето на домашните капацитети ќе бидат исплатливи за инвестицијата. Тоа ќе чини пари, но сметаме дека на долг рок ова е подобро за војската, а сметаме дека и макроекономски е подобро – изјави Мајкл Каденаци, помошник-секретар за одбрана на САД, за специјализираниот магазин „Брејкинг дифенс“.

Од друга страна, Кортни Ведерби од Центарот „Стимсон“, задолжен за Југоисточна Азија, е загрижена за краткиот временски рок, но вели дека од ваквата наредба е добро што ќе се увидат празнините и ризиците во синџирот на снабдување со критични минерали.

– Моето очекување е дека компаниите од одбранбената индустрија ќе наидат на некои пречки дури да пронајдат потекло на одредена компанија во целосниот синџир. Но, штом ќе стигнете до точка на рафинирање или преработка каде што се мешаат оригиналните изворни материјали, тогаш е многу тешко да се каже со сигурност дека одредени минерали не потекнуваат од рудници во Кина или во Мјанмар или на други места – истакна Ведерби.

Таа процени дека ќе пораснат трошоците за одбранбените компании, бидејќи партнерските земји, за разлика од Кина, имаат повисоко платена работна сила.

*Преземено од www.plusinfo.mk

Share via
Copy link