Отворено 21. издание на „Астерфест“ во Струмица: Наградата „Астер“ ѝ припадна на Синоличка Трпкова
Отворено 21. издание на „Астерфест“ во Струмица: Наградата „Астер“ ѝ припадна на Синоличка Трпкова

Во присуство на голем број љубители на филмската уметност, синоќа во преполниот Амфитеатар во Струмица свечено беше отворено 21. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“.
Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, додека основачот и директор на манифестацијата, Горан Тренчовски, ѝ ја врачи престижната награда „Астер“ на овогодишната лауреатка, актерката Синоличка Трпкова.
Првата фестивалска вечер помина во знакот на маратонската натпреварувачка програма на кратки филмови, по што публиката имаше можност да го проследи британскиот документарен филм „Версус: животот и филмовите на Кен Лоуч“.
Програмата на вториот фестивалски ден продолжува денеска претпладне со традиционалната Тивериополска филмска посета на Манастирот во Велјуса. Филмските проекции продолжуваат вечерта во 20:30 часот со прикажување на уште седум кратки филма од натпреварувачката селекција, меѓу кои и две македонски остварувања. Вечерта ќе биде заокружена со проекцијата на долгометражниот филм „Железна тврдина“ на режисерот Митко Панов, кој претставува македонско-швајцарско-американска копродукција.
За утре во 11:00 часот во Младинскиот центар е закажан промотивен филмски настан посветен на филмската литература и историја. Во рамки на овој настан, Сузана Мицева ќе даде осврт кон книгата „Аспекти на филмската режија“ од Антонио Митриќески, за монографското издание за 70 години македонски филмски плакат на Кинотеката ќе зборува Арсим Лесковица, додека Мимоза Рајл ќе ја претстави антологијата „Кинестетични раскази“. На средбата ќе биде промовирано и ДВД-то „Нефилм“, објавено по повод 120-годишнината од раѓањето на Семјуел Бекет, а програмата ќе финишира со отворена сесија за прашања и одговори со режисерот Митко Панов, кој со присутните ќе сподели детали од своето богато режисерско искуство.
Овогодишното издание на „Астерфест“ се реализира со финансиска поддршка од Општина Струмица и Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.